За Заев и за хулиганите нема закони

Loading...

Ако немаш што да понудиш, глуми лудило и поставувај налудничави барања. Заев повторно ја искористи проверената формулата за бегство од избори испорачувајќи нов ултиматум. Лидерот на опозицијата најавуваше план за излез од кризата, а се појави со низа небулозни услови. Даде рок за исполнување на неговите желби, но „заборави“ да каже што ако не му бидат исполнети условите? Ќе ги врати револуционерите од одмор или ќе ги повлече пратениците од Собрание и колективно ќе се упатат на плажа?За волја на вистината, се закани дека неисполнувањето на двата главни услова до 18 јуни ќе значело дефинитивно погребување на Договорот од Пржино, кој лично тој досега неколку пати го закопа и го прогласуваше за мртов кога требаше да се соочи со граѓаните. Но, не кажа што потоа? Ќе бара нов договор во кој ќе може да вметне нови и нови вакви налудничави барања? Ќе го активира сценариото за насилно освојување на институциите? Ќе тера вака до бесконечност, додека ВМРО-ДПМНЕ не го устоличи во премиерската фотелја како нејзин предлог за премиер?
Повеќе од една година СДСМ испорачува класични уцени и нелогични барања за кои тврди дека се услов за одржување избори. Во август инсистираше да се формира Специјално обвинителство и покрај тоа што оваа институција се негира со Уставот на државата. Обвинителството место да ја расчисти аферата со прислушување, за што и беше формирано, се претвори во продолжена рака на СДСМ и во заштитник на Заев и на Верушевски.
Во октомври плачеше да се дограби до власт без избори, спротивно на волјата на народот, и да добие неколку многу важни министерски позиции. Откако го доби бараното направи сè за да го опструираат исполнувањето на условите за спроведување на изборите.
Се закануваше дека нема да има избори ако премиерот не се повлече 100 дена пред избори. Оттогаш поминаа 150, а изборите двапати беа одложени затоа што одбиваше да се појави.
Се натегаше за форматот и за составот на членови на ДИК, а потоа го опструираше почетокот на нејзиното работење за да се одолжи прочистувањето на избирачкиот список. Тврдеше дека има 500.000 фантомски гласачи, не најде ниту еден. До ден денес го оспорува списокот без да каже што е спорно и без да даде предлог како да се обезбеди список што ќе биде веродостоен. Предложи и активна регистрација, а ВМРО-ДПМНЕ прифати. Сега СДСМ не е сигурен дали да го прифати својот предлог!
Бара повлекување на аболицијата за сите политичари, но не и за својот лидер (веројатно поради неговата блискост со господ). Дури и „шарените“ го амнестираа од одговорност за осумте милиони евра од „Глобал“. Се разбира, овој факт не ги вознемирува „револуционерите“, борците против „селективната правда“, истите тие што до вчера, пред да заминат на летен распуст, бараа сите политичари да одговараат за криминалот, а невиноста да ја докажуваат пред суд.
За возврат, тој сега безусловно бара од државата амнестија за шарените хулигани, кои уништуваа државен имот и сквернавеа споменици – уште еден скандалозен пример за директно мешање во работата на судот и за вршење притисок за спроведување селективна правда. Но, очигледно, кога имаш чадор и кога си шарен сè ти е дозволено.
Уште поскандалозно е второто барање, со кое опозицијата се обидува вторпат за еден месец да го погази Уставот уценувајќи го Уставниот суд да донесе одлука со која ќе ја потврди уставноста на Специјалното обвинителство. Внимавајте! Не бара да се изјасни, туку да ја потврди уставноста! Со други зборови, бара потврда написмено дека противуставната институција е уставна. Дали судиите од Уставен суд повторно ќе подлегнат на политички притисоци и ќе дозволат одново да бидат понижени, ќе видиме во текот месецот.
Сè уште верувам дека во случај судот да реши да заседава по оваа иницијатива ќе донесе одлука во согласност со Уставот и со законите, а не врз основа на желбите на Заев и на „револуционерите“. Во случај, пак, и овој пат да бидат принудени да го погазат Уставот, спроведувањето на правдата во државата ќе мора да добие сосема поинаков тек. Тогаш државата ќе мора да му овозможи на секој друг граѓанин (кој не е член на СДСМ и не е „шарен“) да има право да врши насилство и да предизвикува штета врз објекти и институции кон кои чувствува револт и да не одговара за тоа.
Звучи налудничаво, но сосема оправдано имајќи на ум какви сѐ не желби му беа исполнети на Заев и од каков криминал се извлекувал од одговорност. Ако може Заев и шарените, може секој граѓанин во државата. Затоа што сите сме исти пред законите.
 
Пишува: Ненад Мирчевски за РепубликаЗа волја на вистината, се закани дека неисполнувањето на двата главни услова до 18 јуни ќе значело дефинитивно погребување на Договорот од Пржино,

loading...