Заев го излажа Иванов- Тиранската платформа се спроведува на големо

Не е лесно да сте во кожата на СДСМ. Не дека е во владата, за еден месец покажа дека нема поим од владеење и оти тоа многу-многу и не го тангира и онерасположува. Напротив. Проблемот е во враќањето на долговите. Први беа НВО-активистите и „шарените“ чеда, на кои широкоградо им врати со редица вработувања во владата, а не ги заборави ни вмровците кои му помогнаа. Следуваше долгот кон Албанците, коалиционерите кои и го донесоа на власт, сѐ благодарение на Тиранската платформа. Поразителните факти говорат дека таа, помалку или повеќе, е исполнета околу 90%. Останува тежината на најголемиот долг, оној кон „чадорот“, кој ги црпна од „Павел Шатев“ и насила го насади на „Илинденска“. Е, а за тој долг кој претполага промена на името, историјата и идентитетот, Заев да ти немал мандат. За него ќе реши народот. Го потценија ли повторно? СДСМ и „чадорова“ класика…Затоа, ја примија со црвен тепих и должна почит. Не е шега, да не беше непрокопсаната тиранска „чудесија“, сѐ уште ќе си дремеа на скопската „Павел Шатев“ и само ќе си сонуваа и ќе си липаа за „Илинденска“. Затоа, уште во првите десетина денови од владеењето, новите владетели ја гоштаваа гладната платформа со дузина национални специјалитети. Буквално, национални, побуквално здравје. Има ли нешто понационално од името, идентитетот, историјата? А долгот си е долг, особено оној кон албанските им добротвори и коалиционери кои „поттикнати“ од „чадорот“ и ги дотуркаа до ваму.
Сосема случајно, нели, нејзината реализација започна со фамозно воскреснатиот договор за добрососедство со Бугарија, а честа да ја „стартува“ му падна на омилениот им Бујар Османи, кого претходно јавно го обвинуваа дека ја оштетил државната каса за, ни помалку ни повеќе, туку „само“ 370.000 евра. Арно ама, сега Бујар е рехабилитиран и добар граѓанин, па во името на новиот „животот“ и гротескната коалицијата го почестија со можноста за започнување на најновиот балкански експеримент, во кој странците и „меџународната“ потпомогнати од редица домашни квислинзи ќе се обидат да ја сменат историјата, идентитетот и името на една нација.
Ако се чудите на наглата им промена во процената и однесувањето, сетете се само дека ова е партија со „multi personality disorder“, чијшто челник одамна е познат по самодемантирањето и чиј став држи и трае најмногу 12 часа, а рекордот му е цели 48 часа. За потсетување, само во последните десет дена: Бујар беше криминалец, сега е праведник, вицепремиер и преговарач со Бугарите; задолжувањето беше глупост, а сега е доблест; владата беше пренатрупана со кадар, па наеднаш вработија 16 нови „ко леб насушни“ партијци; струјата требаше да стане евтина, а тарифата да ти била само за социјалците; платата минимална ќе ја субвенционираат до март, потоа газдите и вработените ќе си ја кршат главата; ВМРО-ДПМНЕ ја „партизираа“ државата, СДСМ во првиот месец сменија сѐ што треба и не треба. И така натаму, и натаму, и понатаму.
„Честа“ да биде прво заморче во ваква неприродна ГМО-политичка констелација ја доби Македонија. Освен охридската пастрмка и моликата, ќе имаме и ендемски идентитет, скроен во Брисел и Вашингтон, спроведен во Скопје, стартуван во Софија, со силно одобрување од Атина и Тирана. Балканската манџа и онака веќе одамна не е балканска, но македонската е шампион во квантитетот на примесите на различни вкусови. Нема што нема, а најмалку ги чувствувате токму македонските…
Бујар и Али свечено ја „стартаа“ тиранската машинерија
Очигледно, Бујар му е милениче и на Али. Како поинаку да ги протолкувате шансата и честа што ги доби Османи за старт на Тиранската платформа, која Ахмети само ја продолжи и забибери со средбата со Метју Нимиц? Лидерот на ДУИ учествуваше во првиот преседан од овој тип. По толку години преговори, 22 од нив водени токму од Нимиц, албански лидер оствари посебна, одделна средба со медијаторот?! Не само што се сретнаа, Ахмети (како што соопштија по средбата) му даде и „мудри размисли“ за решение. Лицитирал ли Ахмети со предлози и имиња?
Како и да е, и што и Али да му предложил на Метју, овие два настани го означија флагрантниот почеток на исполнувањето на Тиранската платформа во Македонија. А пустата, до неодамна не постоеше. Прашајте ги Заев, неговите челници и пратеници и албанските му коалиционери. Значи, направија ново чудо. Воскреснаа нешто што никогаш и не постоело. Машала…
Поразителните факти велат тиранската платформа е 90% исполнета!
„Непостоечката“ тиранска платформа, која, меѓу другото, им беше и поделена на пратениците во Собранието, содржи 7 точки. Да, многу прецизно за непостоечка содржина поради која народот со месеци протестираше, но вистинскиот проблем е што тивко и незабележливо, поголемиот дел од неа веќе е и исполнет.
Очекувавте да стартуваат со името, химната, знамето и грбот? Тие веројатно, како десерт се оставени за потврда на „крајот делото го краси“, но во овој случај имаме „почетокот владеењето го гнаси“. За наша жал, поразителните факти велат дека таа е веќе 90% остварена.
Ќе почнеме од крајот на Тиранската „направија“, точка по точка.
– Седмата “тиранска“ точка бара забрзана интеграција во ЕУ и НАТО. Благодарение на „чадорот“ и декларативните ветувањата на Соренсен, Могерини и Хан доживеавме декларативно исполнување на истото, дел од прикаската за „стапот и морковот“ и дигањето на рејтингот на „реформската“ влада која ќе мора да ги реформира името, идентитетот, историјата и македонскиот скептицизам кон соседите и „меџународните“ добротвори. Исполнета…
– Шестата точка предлага вклучување на Албанците во договорот за добрососедство со Бугарија. Го вклучија Бујар. Исполнета…
– Петтата предлага директно вклучување на Албанците во преговорите за името со Грција. Ахмети одржа одделна средба со Нимиц. Исполнета…
– Четвртата претполага „создавање на дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи“, проформа точка за „дух на доверба“, кој Заев го оствари со своите коалиционери уште со прифаќањето на Тиранската платформа која и му ја овозможи коалицијата. Така криминалецот Бујар стана чесен. Исполнета…
– Третата тиранска точка, или поверојатно ќе да е „чадорот“, бара спроведувањето на реформите, препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ, како и поддршка за непристрасно вршење на работата на специјалниот обвинител. Исполнето 100 отсто! Закочија со барањето за „расветлување“ на случаите „Монструм“, „Сопот“ и „Диво Насеље“, но само поради фактот што случаите и пресудите за првите два се чисти како солза, за што освен Заев, Рада и СДСМ, уште подобро знаат од ДУИ, Алијансата и Беса, па не се ни лутат за нешто што и не постои. Значи, реалното е максимално исполнето…
– На втората точка, во која се бара поделба на буџетот на етничко ниво, како и „остварување на правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата“ се работи тивко, т.е. според извори, таа се крчка и се спроведува без никаква врева. Велат, ќе се обзнани кога ќе биде 100% исполнета. За мир во куќа, или поверојатно во коалиција. Во превод, се исполнува…
– Остана само првата точка од Тиранската платформа која претполагаше „дебата“ за „знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“, осудата за геноцидот во периодот од 1912 г. до 1956 година и двојазичноста на цела територија. Информациите и процените на познавачите велат дека на последното ќе се почека за да не се рефлектира врз рејтингот на СДСМ и Заев на локалните избори, но уште повеќе за да не влијаат овие чекори на „позитивната клима“ која социјалдемократските „реформатори“ (потпомогнати од вмровските на Михајловски, нели) треба да ја создадат како плодно тло за полесна реализација на главната реформа за која и се „црпнати“ од „Павел Шатев“ и на врат, на нос насадени на „Илинденска“ од сценаристите од скопскиот рид, т.е. промена на името, историјата и идентитетот. Настрана што основната намена на првата точка од платформата беше гасењето на секоја, каква и да е можност ВМРО-ДПМНЕ да се согласи со нејзина примена, т.е. да осигура коалиција со подобната СДСМ. Од тој аспект првата точка целосно ги исполни и оправда очекувањата. Исполнета и се исполнува, ама целосно дури по можна промена на името…
Време за последниот, најголем долг на Заев и СДСМ
Ова последното претставува и дополнителен, огромен мотив албанските коалиционери да работат и да притискаат за договорот со Бугарија, кој ќе биде првата, основна фаза во бришењето на македонштината. Следува популизам и привремена, со кус, но доволен рок, минимална плата, па нова бедотија од обновена препорака од ЕК за започнување на преговорите со ЕУ (нејсе што требаше да ги почнеме пред цели осум години со првата препорака), пуштање вода од НАТО „сменето го името, ве чекаме со раширени раце“ (иако условите се исполнети пред 9 години во Букурешт), и оп – обид за промена на името и одолжување на Заев за дадената шанса да владее со државата. Возможно ли е некој толку да го потцени македонскиот народ? Ако не верувате, сетете се само на преценувањето на Заев и СДСМ кои по цели три години „бомби“, бојкоти на Парламентот, НВО-активности и протести, шарени идиотски „револуции“, ветувања за двојазичност, 70.000 албански гласови и што ли не друго, не победија на избори.
Верувам дека македонскиот народ не пие нафта и оти овој евтин филм нема да помине. Исто така, верувам дека најзадолжената партија во Европа ќе стори сѐ за да ги врати напластените долгови. Им врати на „шарените“ и на НВО-секторот и ги вработи сите во владата или по министерствата, дел станаа и пратеници. На Албанците широкоградо им врати и им враќа со реализацијата на Тиранската платформа. Остана уште да му се врати долгот на најголемиот донатор. А „чадорот“ не се задоволува со вработување во владата и остатоци од платформа која самиот ја смисли. Огромен влог, а „зеленашите“, макар биле и политички, знаат да го вратат долгот…
Никовски: Не чекаат драматични мигови за судбината на Македонија!
За да нема никакви забуни, мора да се потенцира дека Тиранската платформа е противуставен и големоалбански документ и ништо друго, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски, за кого, во основа, таа е надградба на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и силен исчекор кон федерализација на земјата. Предупредува дека во играта водена од надвор во прашање се државата и македонскиот народ.
Никовски: Сите точки во платформата се токму во тие правци. Дури и барањата за вклучување на Албанците во решавањето на проблемите со Грција и Бугарија се поставени како ултиматуми, што значи надвор од институциите на системот. Неприфатливо е тоа да биде нивно посебно, етничко право.
Сепак, клучно е барањето за двојазичноста на државата. Факт е дека од унитарниот карактер на Македонија, што беше една од ретките формулации во ОРД кои можеа да се сметаат како корисни и за Македонците, преку разни манипулации кои беа толерирани, Албанците успееја тој да се сведе само на користењето на македонскиот јазик. Со други зборови, македонскиот јазик остана единствениот столб на унитарниот карактер на државата. И, нормално, сега се прави обид и тој столб да се урне и земјата прво на неформален начин да се федерализира за потоа да се побара и официјална верификација на таа состојба.
Играта е исклучително софистицирана и подмолна. Таа во никој случај не е водена од земјава – конците сигурно се влечат од надвор. Првата реакција беше дека суштината е во фактот дека се бара двојазичност на целата територија на државата, преку промена на Уставот. Тоа е точно, ама на сите им е јасно дека тоа не е достижно во блиска иднина бидејќи не може да помине во Собранието. Никој, меѓутоа, не обрати доволно внимание дека првичната цел е – „целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право“! Тука е клучот со кој треба да се урне уставниот поредок, на мала врата. И Талат Џафери и Теута Арифи потврдија дека е договорен нов закон за јазиците, кој бил услов за коалицијата на власт со кој се предвидува претседателот на Собранието и министрите во Владата да зборуваат на албански. Тоа значи дека седниците на Собранието ќе се водат на албански јазик и дека владата станува двојазична. Поголема двојазичност од оваа, во земјата не е можна. На Албанците не им треба да се зборува на албански во Штип, Делчево… туку во владата и така да се водат седниците во Собранието. Тоа е веќе чиста двојазичност, што значи и федерација бидејќи во светот нема унитарна држава со два официјални јазици. Ќе остане само таа и формално да се прогласи. А тоа, неизбежно, набргу ќе мора да следи.
Да потсетиме дека овој закон се носи со просто мнозинство и дека не би требало да има проблеми да помине. Сепак, добар дел од македонските пратеници ќе мораат да бидат на мака бидејќи со сопствениот глас ќе стават крај на македонскиот карактер на државата. Како ќе постапат, ќе зависи од нив, ама судот на историјата ќе следи и ќе биде жесток.
Нѐ чекаат драматични и судбоносни мигови за иднината на Македонија. Како ќе одиграме, зависи пред сѐ од нас самите. Во прашање се и државата и македонскиот народ, пренесува Република.мкЗатоа, ја примија со црвен тепих и должна почит. Не е шега, да не беше непрокопсаната тиранска „чудесија“, сѐ уште ќе си дремеа на скоп

Пронајдете не на следниве мрежи: