По невидената трагедија што ја снајде Србија во која животот го загубија невини деца и училишен чувар, сите велат „разговарајте со децата“.
Потоа слушаме дека многумина велат дека не знаат како да зборуваат со своите деца.
Дали ги познавате вашите деца подлабоко од нивните оценки, бројот на голови или кошеви што можеби ги постигнале на тренинзи или натпревари? Или брзината со која препливале базен на 100 метри крал? Дали знаете која е нивната омилена боја? Омилено годишно време? Знаете ли што најмногу ги плаши во моментов? На што најмногу се радуваат? Дали знаете какви соништа сонувале синоќа или завчера?
Кога последен пат сте им ги поставиле следниве прашања на вашите деца и дали ги знаете одгвоорите:
Што те прави најсреќен/најсреќна? А најтажен/најтажна?
Како се чувствуваше денеска на училиште?
Со кои зборови би го опишал/а денешниот ден?
Кој ти е омилен предмет и зошто?
Кој ти е омилен наставник/професор и зошто?
За што најмногу сонуваш во последно време?
Има ли личност на која ѝ се восхитуваш? Ако е така, зошто?
Дали жалиш за нешто денес или во последно време?
Кога би можел/а да промениш/направиш нешто поинаку што би било тоа? Зошто?
Што би сакал/а да правиш денес/деновиве?
Дали има нешто што те загрижува денес/деновиве?
Зошто (не) ти се допаѓа оваа серија? Овој филм? Оваа видеоигра? Книга?
Како сакаш да се одмораш?
За што најмногу размислуваш денес/деновиве?
Како се чувствуваш денес/деновиве?
Зошто сакаш да се дружиш со…, а не со…?
Дали ти треба помош денес?
Дали има нешто што би сакал/а да ми кажеш,а уште не си се охрабрил/а?
Овие прашања се применуваат почесто, не само во трагични ситуации како оваа. Кога разговарате со нив и ги прашувате овие прашања, треба да го правите тоа внимателно, нежно, за тие навистина да почувствуваат дека ве интересираат одговорите, дека можете да бидете искрени со нив, а не како да се на обвинителна клупа. И секако дека нема да го прашувате сето тоа секој ден.
Сигурно на огромното мнозинство од оние кои сега се родители не им биле поставувани овие прташања кога биле деца. Но, ако не ги знаете одговорите на овие прашања, тогаш навистина не ги знаете сопствените деца.
И не заборавајте – вие не сте родител само затоа што сте му обезбедиле на детето храна, облека и покрив над главата. Тоа го имаат и децата во сиропиталиште.