„Во еден член во изјавата стои дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на Бугарија по однос на малцинските права. Не ја бранам позицијата на Бугарија, ви кажувам што и кажале на амбасадорката по однос на тоа прашање“, рече министерот
Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси била повикана во бугарското МНР во врска со најновата реакција на Бугарија, поради договор потпишан од 1999 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Во 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има потпишано изјава со премиерот на Бугарија, Костов и во еден член во изјавата стои дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на Бугарија по однос на малцинските права. Не ја бранам позицијата на Бугарија, ви кажувам што и кажале на амбасадорката по однос на тоа прашање. Тие се повикуваат на изјавата од 99-та година“,
рече Османи вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска била повикана на состанок во бугарското Министерство за надворешни работи поради неодамнешните јавни коментари на македонските политичари и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија. Ова е реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи објавена на нивната веб-страница, со која бара од македонските политичари и од политичките партии во Република Северна Македонија да не ги вклучуваат билатералните односи меѓу двете држави во предизборната реторика.
Оттаму велат дека Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање, како што пишува во соопштението, на постојаните провокации во јавниот простор од страна на Северна Македонија.
„Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Софија беше повикан на состанок во Министерството за надворешни работи во врска со неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“,
велат од бугарското МНР.
Според соопштението, бугарските власти категорично се противат на обидот Бугарија и заедничките билатерални односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.
По ова, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски го пренесоа неговиот став во кој се вели оти нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија, каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка. За таа цел, додаваат од кабинетот на Пендаровски, потребна е конструктивност во билатералните односи меѓу двете земји и решавање на отворените прашања.
Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој, како што велат, е потврден и со одлуките на судот во Стразбур.
„Во однос на коментарите кои се однесуваат на постоење на македонското малцинство во Бугарија се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур“,
велат од кабинетот на Пендаровски.