Во Центарот за обука на вода во Охрид, денеска со почеток во 10.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање.
Според најавите, на присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Силјановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
– На свеченоста ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должност началник на генералштабот на Армијата како и обраќања на досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и новопоставениот началник на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, соопштија од Министерството за одбрана.
На свеченоста се поканети премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, дипломатскиот кор во Република Македонија..