Фудбалерите на германскиот и на францускиот шампион Баерн Минхен односно Пари Сен Жермен се првите патници во четвртфиналето на фудбалската Лига на шампионите.
Во реваншот од осминафиналето во Минхен, Баерн го победи Лацио со 3:0, надоместувајќи го поразот од 0:1 од првиот меч одигран во Рим, додека во вториот натпревар во вторникот вечерта ПСЖ го совлада Реал Сосиедад со 2:1 на гостувањето во Сан Себастијан, потврдувајќи ги 2:0 од Париз.
Баварците конечно прикажаа одличен настап во Минхен, доминираа практично во текот на целиот натпревар, имаа далеку повеќе шанси и шутеви (22/4) и сосема заслужено ја остварија 12-та победа во последните 13 настапи во осминафиналето на најсилното континентално клупско натпреварување. Два гола постигна Хари Кејн, во 39. и во 66. минута, а еден Томас Миле во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме.
Германскиот тим ја имаше првата голема шанса во шестата минута, Лерој Сане шутираше од добра позиција, но Иван Проведел беше сигурен на голот. Во 14. минута опасен удар упати и Џамал Мусиала, но Проведел одлично реагираше. Следуваа удари на Сане, Рафаел Гереиро и Хари Кејн, но без промена на резултатот.
Најдобрата шанса во првото полувреме гостите ја имаа во 37. минута. Матија Закањи ја упати топката во шеснаесетникот на домашните, Матијс де Лихт не расчисти добро и топката дојде до Чире Имобиле, кој од непосредна близина шутираше со глава покрај голот. Казната за пропуштената прилика стигна две минути подоцна. Гереиро шутираше по повратна топка, лошо ја зафати топката, но Хари Кејн се снајде и со глава погоди за 1:0.
Во последните моменти од првото полувреме Баерн постигна втор гол. Гереиро изведе корнер, топката се одби до Де Лихт, кој шутираше од прва, а Томас Милер со глава ја упати топката во мрежата. Тоа беше негов 54-ти гол во Лигата на шампионите, а 104-та победа во 148 настапи во елитното натпреварување на Стариот континент. Повеќе победи има само Кристијано Роналдо – 115.
Баерн ги разреши сите дилеми во 66. минута, Сане одлично шутираше, Проведел повторно одбрани, но Кејн ја спроведе одбиената топка за неговиот втор гол на натпреварот. Тоа беше негов 33. гол оваа сезона, а шести во Лигата на шампионите со три асистенции. Англискиот напаѓач е сѐ поблиску до личниот рекорд во Лигата на шампионите кој го постави во сезоната 2017/18 кога за Тотенхем забележа седум гола и две асистенции.
Во вториот меч ПСЖ не дозволи никакво изненадување на стадионот „Аноета“, постигнувајќи победа од 2:1 со двата гола на Килијан Мбапе, во 15. и во 56.минута, додека Микел Мерино во 89. минута го постигна утешниот гол за домаќините.
Гостите имаа стопроцентна шанса веќе во десеттата минута. Килан Мбапе се проби по крилната страна и ја нафрли топката пред голот до Бредли Баркола кој шутираше, но Алекс Ремиро добро реагираше. Пет минути подоцна ПСЖ поведе. Усман Дембеле одлично му додаде на Мбапе, кој го „скрши“ голманот и со одличен удар од агол погоди за 1:0. Сите сомнежи за можно чудо беа разрешени во 56. минута кога Мбапе ѝ побегна на шпанската одбрана и погоди за 2:0.
Брилијантниот француски напаѓач стигна до границата од 46 гола во Лигата на шампионите и со 25 години и 76 дена стана вториот најмлад играч кој постигнал најмалку 45 гола. Помлад од него беше само Лионел Меси, кој со 24 години и 257 дена стигна до бројката од 45 гола.
Домашниот тим бараше утешен гол до крајот на натпреварот, но непрецизни беа Микел Ојарзабал во 73. минута и Мартин Зубименди три минути подоцна, додека во 79. минута Џанлуиџи Донарума одбрани удар на Бенато Туриентес. Сепак, во 89. минута домашните намалија на 1:2 со голот на Микел Мерино, кој најдобро се снајде во шеснаесетникот.
Во среда се играат уште два осминафинални натпревари Манчестер Сити и ФК Копенхаген и Реал Мадрид – РБ Лајпциг. На првиот меч во Копенхаген, Сити победи со 3:1, додека Реал во Лајпциг со 1:0.
Останатите четири натпревари се закажани за следната седмица. Во вторник на 12 март се среќаваат Арсенал – Порто (0:1) и Барселона – Наполи (1:1), а ден подоцна Атлетико Мадрид – Интер (0:1) и Борусија Дортмунд – ПСВ Ајндховен (1:1).