Новиот предлог, како што наведе Бајден, предвидува три фази, а неговата крајна цел не е само прекин на огнот, кој би бил кревок и привремен, туку траен крај на војната
Американскиот претседател Џо Бајден вечерва во обраќање од Белата куќа го претстави новиот предлог на Израел за прекин на огнот во Газа и го повика Хамас да го прифати и со тоа да докаже дека навистина е за крај на војната во Појасот, пренесува „Гардијан“.
Осврнувајќи се на предлогот, Бајден рече дека неговите преговарачи и претставници на разузнавачката заедница изминатите неколку месеци биле целосно фокусирани не само на прекин на огнот во Газа кој, како што додаде, неизбежно ќе биде кревок и привремен, туку на траен крај на војната.
Според американскиот претседател, Израел понудил сеопфатен нов предлог, кој преку Катар, како посредник, му бил пренесен на Хамас.
Новиот предлог, како што наведе Бајден, предвидува три фази. Првата е предвидено да трае шест недели и вклучува целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области во Газа, ослободување голем број заложници (вклучувајќи жени, постари, ранети) и ослободување стотици палестински затвореници, како и ослободување американски заложници.
Дополнително, во првата фаза, како што кажа Бајден, цивилите ќе можат да се вратат во своите домови и населби во сите области на Газа, вклучително и на север. Исто така, во оваа фаза се предвидува околу 600 камиони секојдневно да доставуваат хуманитарна помош во Појасот, која безбедно и ефикасно ќе биде дистрибуирана до оние на кои им е потребна.
За време на првата фаза, Израел и Хамас ќе преговараат за аранжманите за да се дојде до втората фаза, која треба да доведе до траен крај на непријателствата, рече Бајден.
Во неа Хамас ќе треба да ги ослободи сите преостанати живи заложници кои милитантната група ги киднапираше на 7 октомври лани, вклучително и војници, а израелските сили, од друга страна, да се повлечат од Газа.
„Сè додека Хамас ги исполнува своите обврски, привремениот прекин на огнот ќе стане, според израелскиот предлог, траен прекин на непријателствата“,
рече Бајден.
Третата фаза ќе вклучува голем план за реконструкција на Газа, како и враќање на посмртните останки на сите убиени заложници на нивните семејства.
Американскиот претседател рече оти знае дека во Израел има сили, вклучително и во коалициската влада, кои нема да се согласат со овој план и кои бараат војната да продолжи во недоглед.
„Го повикав раководството во Израел да застане зад овој договор и покрај притисокот. На народот на Израел, дозволете ми да го кажам ова, како некој што имал доживотна посветеност на Израел, како единствен американски претседател што некогаш отишол во Израел во време на војна, како некој кој ги испрати американските сили директно да го бранат Израел кога го нападна Иран, ве замолувам да направите чекор. Не смеете да го изгубите овој момент“,
рече Бајден.
Тој ги повика „сите што сакаат мир сега“ да „го кренат гласот и да им кажат на своите лидери дека треба да го прифатат овој договор“.