Блинкен ги оцени за недемократски претседателските избори во Русија

Во изјавата објавена од Стејт департментот, американскиот државен секретар вели дека Кремљ систематски ги маргинализира групите кои се залагаат за демократски процеси и владеење на правото, вклучително и независните набљудувачи на изборите и додава дека им го ускратил правото на транспарентен и демократски процес на своите граѓани

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги оцени како недемократски претседателските избори во Русија, велејќи дека се одржале во „интензивна репресија на независните гласови и затворање, смрт или егзил на речиси целата вистинска политичка опозиција“.

Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL

Во изјавата објавена од Стејт департментот, Блинкен вели дека Кремљ систематски ги маргинализира групите кои се залагаат за демократски процеси и владеење на правото, вклучително и независните набљудувачи на изборите.

„Руските власти, исто така, одбија да регистрираат антивоени претседателски кандидати под лажни изговори и не ја поканија Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), или која било кредибилна меѓународна организација, да го набљудува гласањето“,

рече Блинкен во изјавата објавена од американскиот Стејт департмент.

Овие потези, оценува американскиот државен секретар, го покажуваат степенот до кој Кремљ им го ускратил правото на транспарентен и демократски процес на своите граѓани.

„Во тој контекст, овие избори може да се опишат само како недемократски“,

додаде Блинкен.

Инаку, Владимир Путин го освои петтиот претседателски мандат на изборите кои Западот ги осуди и ги оцени за нефер и неслободни. Претседателските избори се одржаа од 15 до 17 март, а според податоците на Централната изборна комисија, Путин освоил повеќе од 87 отсто од гласовите. Ова беа првите избори по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, а се гласаше и на окупираните украински територии.

Пронајдете не на следниве мрежи: