На сите понекогаш ни се случува да заборавиме нечие име, или пак – каде сме ги оставиле клучевите од дома… Но, ваквите „дупки во сеќавањето“, со тек на времето, може да се зачестат, па соодветно на тоа, важно е да се консумира одредена храна, со цел да се забави тој процес.
Бидејќи мозокот се менува и расте, во текот на животот му требаат одредени видови храна кои ќе бидат еден од начините за поддршка на овој процес и подобрување на функцијата на меморијата. Стручњаците предлагаат неколку намирници за подобра функција на мозокот и паметење.
Омега-3 масни киселини
Омега-3 масните киселини се еден вид корисни, т.н. „добри“ полинезаситени масти, кои помагаат во обликувањето на когнитивните способности. Богати се со еикозапентаеноична киселина (ЕПА) и докозахексаенонска киселина (ДХА), коишто ги поддржуваат когнитивните функции, ја одржуваат флуидноста на клеточната мембрана и ја зголемуваат синаптичката пластичност.
Така, доволното внесување на ДХА игра важна улога во процесот на учење и помнење во текот на животот. Со стареењето, концентрацијата на есенцијални масни киселини во ткивото се намалува. Со оглед на тоа што бројни истражувања покажуваат дека зголеменото ниво на ДХА во мозокот го забавува намалувањето на когнитивните способности, поврзано со стареењето и опасноста од Алцхајмерова болест, може да се заклучи дека оптималното внесување на омега-3 масни киселини е потребно за зачувувањето на когнитивните функции и сеќавањето, што може да ги одложи невродегенеративните болести.
Јадењето масна риба, како што се бакаларот, лососот, скушата, сардината и пастрмката овозможува внос на протеини и омега-3 масни киселини. За оние кои се вегетаријанци или вегани, се препорачуваат алги, ореви, бадеми, чија семе, како и семе од коноп и лен.
Полифеноли
Полифенолите се растителни антиоксиданти со антиинфламаторни придобивки, а бобинките се преполни со нив. Така, тие се високо препорачливи, затоа што се одлични и во заштитата од хронични болести и за здравјето на мозокот.
Научните истражувања покажуваат дека поради нивната специфична биолошка активност, бобинките го штитат срцето, крвните садови и имунитетот. Тие, исто така, се сметаат за материја со потенцијален позитивен ефект на хроничните воспалителни болести, повеќе видови рак и на стареењето.
Едно 20-годишно истражување на Медицинскиот факултет при Харвард открива дека возрасните кои јаделе боровинки и јагоди имаат најмала стапка на когнитивно опаѓање.
Имено, Американското здружение за срце објави труд спроведен врз повеќе од 93.000 жени на возраст од 25 до 42 години. За време на 18-годишното следење, научниците откриле дека оние кои јадат боровинки и јагоди трипати неделно, имаат помали шанси да доживеат срцев удар. Во мигов нема лек за Алцхајмерова болест или деменција, но наместо да се плашите од неочекувани судбини, стручњаците препорачуваат да се преземе контрола каде што се може.
Додавањето вкусна и хранлива храна во исхраната, како што се боровинки и ореви, е еден начин да се преземе иницијатива во врска со здравјето на Вашиот мозок.