Богданов: ВМРО-ДПМНЕ игра добро испланирано сценарио

Само десетина месеци по влегувањето на „реформското крило“ во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, дојде до нивно исклучување од партиските тела. Костадин Богданов, кој беше дел од Извршниот комитет, се сомнева дека целиот процес околу договорот со Грција, гласањето во Собранието и чистката што следуваше е добро смислено сценарио на врхушката. Жали што во ВМРО-ДПМНЕ отсуствува внатрепартиска демократија, која ќе дозволи да постојат и различни ставови од оние на водството. Во интервјуто за „Независен весник“ вели дека партијата останува западноориентирана, но дека Москва итро го користи спорот за името за свои потреби.
Г. Богданов, во понеделникот Ве разрешија од функцијата член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Како се одвиваше процесот, дали Ви најавија, дали воопшто имавте можност да ги кажете своите ставови на седницата на ЦК?
– Моето разрешување не беше планирано за понеделничкиот театар. Сценариото до неделата напладне, веројатно, ги опфаќаше само градоначалникот Митко Јанчев и поранешниот министер Никола Тодоров. Но, под сплет на околности, во неделата, ден пред состанокот на ЦК, имав комуникација со претседателот Христијан Мицкоски, која беше испровоцирана од една моја изјава за порталот „Фактор“ од истиот ден, при што заеднички констатиравме дека е најдобро да се повлечам од функцијата член на Извршниот комитет. Така и бидна. Моето разрешување непланирано влезе на агендата на состанокот одржан во понеделникот. Од таа перспектива, секако дека знаев за моето разрешување уште кога се договоривме со претседателот претходниот ден.
Реформистичкото крило е клучна жртва во овие чистки. Дали тоа покажа дека Вие сте биле во заблуда на почетокот од годинава дека навистина се можни демократски промени во партијата?
-Во суштина, така произлегува. За жал, реформистичката агенда не победи и сите оние ветувања и нова енергија што се направија на почетокот од годината некако со текот на времето целосно избледеа и ја загубија смислата. Едноставно, тешко е да се натера лидерството да си ја намали сопствената моќ преку статутарни измени во која било партија кај нас. Но, и тешко е да се натера лидерството коренито да ги смени долгогодишните наративи кои нанесуваа штета на партијата, но и го хранеа дел од членството. Имам впечаток дека како партија не успеавме да се ребрендираме во изминатите 10-11 месеци и пошироката јавност сè уште нè доживува како ултранационалистичка, антизападна и антиалбанска партија со големи хипотеки од минатото.
Јавноста со години наназад нема претстава што, всушност, се случува во органите на партијата кога се расправа за одредена важна тема. Имаше ли вистинска дискусија за настаните во Собранието и гласањето за уставните промени?
-Секако дека имаше. Беше оставен простор на состаноците на ИК и ЦК на секој член слободно да ги каже својот став и размислување околу ова прашање. И секако дека имаше различни тези и видувања. Но, знаете како е кај нас во партиите кога се решава за вакви клучни теми, на крајот секогаш ставот и мислењето на претседателот се одлучувачки.
Кој загуби, а кој доби од оваа чистка? Некои велат дека нема поразени, дека станува збор за фингирана пресметка. Дали е тоа вистина или сепак станува збор за пресметка меѓу две или повеќе крила во партијата?
– Апсолутно не. Не станува збор за никаква пресметка помеѓу какви било крила во партијата. Мене ми изгледаше како добро осмислено и договарано сценарио подолго време со дел од актерите, за тоа како да се оправда партискиот „пораз“ во Собранието. Истовремено, другиот дел од засегнатите, кој не беше договорен и вклучен во сценариото, беше спакуван под превезот на некакво предавство, иако вистинските мотиви за нивно исклучување или разрешување, претпоставувам, се други. Во секој случај, времето ќе покаже.
Мицкоски велеше дека секој може да каже што мисли околу референдумот, дека тоа е дел од демократијата. Излезе дека за сопствено мислење треба да се поднесе голема жртва?
-Тоа е уште еден показател за отсуството на внатрепартиска демократија и почит кон различниот став, нешто кое е карактеристика кај сите партии, без исклучок. Но, тука доаѓа до израз и потребата од реформа на изборниот систем преку воведување отворени листи. Пратениците, пред вакви клучни одлуки, мора да имаат простор и за изразување на сопственото уверување, а не само да бидат слепи послушници на партискиот став. Особено не кога таквиот партиски став е изграден врз основа на процедура во која одлучуваат органи или поединци со сомнителен легитимитет, бидејќи истите тие органи се избрани на нетранспарентен или дискрециски начин.
Што значи за партијата кога нејзините ставови се истоветни со соопштенијата на Москва, а во исто време вели дека е западно ориентирана. Ја загуби ли ВМРО-ДПМНЕ врската со западните демократии и партнери и, ако е така, дали некому во партијата му е важно тоа?
– Секако дека е важно. Барем за поголемиот дел од членството. Статутот на ВМРО-ДПМНЕ ја предвидува евроатлантската интеграција на Македонија како врвен приоритет за партијата и секако е значајно партијата да има стабилни мостови со сестринските партии од ЕПП групата и безусловна соработка со САД. За жал, останува впечатокот дека Москва итро го користи во своја полза спорот околу името, кој од една страна е длабоко чувствително прашање за секој поединец, но од друга страна е единствен излез кон европска и просперитетна држава. Сензитивноста по ова прашање е можеби најизразена во нашето партиско ткиво, па оттука се и интересот и успехот на анти-НАТО силите за директно влијание врз ставовите и политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Тажно е за мене како член на ВМРО-ДПМНЕ да се слушне изјава од висок американски дипломат дека нема време ниту посебна желба да се сретне со некој од раководството на партијата при негов официјален престој во државата. Тажен е и фактот што на прославата на партијата во вторникот речиси ниеден дипломат не нè удостои со своето присуство. Ја разбирам потребата на лидерството да се биде во допир со членството и нивните желби, но сепак, лидерството има обврска да води и искрено да влијае врз политичките ставови и размислувања на своите членови, а не да се затскрива зад нив. Особено кога се работи за суштински и добронамерни пораки од нашите меѓународни пријатели.
Горан Адамовски
Извор: ВМРО-ДПМНЕ игра добро испланирано сценарио

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.