Повикувајќи се на статистиката според бројот на издадени патни исправи, Тошковски вели дека во февруари бројот на изработени и подигнати пасоши е енормно зголемен во однос на претходните месеци, а тоа, како што оцени, е резултат на целосната реогранизација направена во овој поглед
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев од редовите на СДСМ објави дека до внатрешната контрола во МВР поднел барање да се истражи случајот со платени, а сè уште неиздадени готови пасоши. Вели дека внатрешната контрола од утринава е влезена во управните служби и постапува по случајот.
„Недозволиво е граѓаните да платат и готовите пасоши да не им се издадат. Истрагата предвидува да се провери дали целата процедура е запазена, ако не е, во кој сегмент не е запазена и да се утврдат, условно кажано, виновниците, каде затаила целата постапка“,
пишува Бојмацалиев во објавата на Фејсбук.
На објавата на Бојмацалиев во меѓувреме реагираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со порака дека е недозволиво граѓаните да бидат лажени и манипулирани.
Повикувајќи се на статистиката според бројот на издадени патни исправи, Тошковски вели дека во февруари бројот на изработени и подигнати пасоши е енормно зголемен во однос на претходните месеци, а тоа, како што оцени, е резултат на целосната реогранизација направена во овој поглед.
Во февруари, како што објави Тошковски, издадени се 57 549 пасоши, во јануари таа бројка изнесувала 39 783, а во декември лани биле издадени 20 783 патни исправи.
„Зошто овие бројки не биле достигнати претходно е прашање кое треба да биде одговорено од други, а во меѓувреме ние ќе продолжиме со работа и со изнаоѓање на решенија кои ќе придонесат за подобрување на сервисот кон граѓаните“,
пишува Тошковски во реакциајта објавена на својот профил на Фејсбук.