Како што се наведува во соопштението од МНР, со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.
„Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, се оценува во реакцијата на македонското МНР.
По однос на содржината на декларацијата, од МНР подвлекуваат дека земјава, во изминатиов период, преку конкретни проекти и активности, покажала дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија. Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија, велат од МНР, целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници тука, вклучително и на бугарската.
Исто така, МНР потсетува дека во повеќе наврати посочило дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките Македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во земјата.
„Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на Историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации“, се наведува во соопштението.
МНР додава и дека останува на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагирале соодветно, а сторителите се приведени, истрагата е во тек, како и дека преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи. Притоа, потсетуваат, министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво.
„Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста. Во исто време сакаме да ја искористиме приликата и да повикаме на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани, токму во духот на европските вредности и слободи“, стои во реакцијата на МНР.
Народното собрание на Бугарија денеска без дискусија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Република Северна Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 пратеници, а еден беше воздржан. До парламентот беа доставени четири нацрт-декларации, од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме на промените“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“, врз основа на кои е изготвен и изгласан заеднички нацрт предложен од Комисијата за надворешна политика.
Во усвоената декларација, бугарското собрание „ги осудува пројавите и повиците за насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкиот престап врз Бугаринот Христијан Пендиков“ и бара да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривање на сторителите и нивно изведување пред правдата.
Во декларацијата, бугарското собрание исто така „изразува и противење на трајното неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“.
Во декларацијата се изразува и загриженост дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“.
Пронајдете не на следниве мрежи: