Откако ќе падне ноќта во мексиканската џунгла во Јукатан, ветеринарите земаат примероци од крв од лилјаци во најсовремена лабораторија, како дел од истражувањето насочено кон спречување на следната потенцијална пандемија. Целта на овој француско-мексикански проект е откривање зооноза, т.е. болести коишто се пренесуваат од животни на луѓе во тропските предели.
– Истражувањето цели да се открие како различните вируси што циркулираат меѓу животните, како што се цицачи, птици и глодари, може да се пренесат на луѓето, објасни Одри Арнал, експерт за заразни болести во францускиот Институт за истражување и развој (ИРД).
– Од клучно значење е да се разбере кои се можните последици од човечки контакт со диви животни и, следствено, да се открие каква можна епидемија би можела да се случи во иднина, додаде таа
Меѓународната научна заедница ги има лилјаците под посебен надзор, бидејќи се претпоставува дека тие, меѓу другото, беа потенцијален извор на коронавирусот. Според истражувачите, лилјаците „доста мирно“ соработуваат при земањето крв, по што биваат ослободени во својата природна средина.
Научниците од ИРД и Националниот автономен универзитет во Мексико (УНАМ) работат на ова истражување, користејќи современа лабораторија во Мерида, главниот град на мексиканската сојузна држава Јукатан.
Лабораторијата е поврзана со лаборатории повеќе други земји во Африка и Латинска Америка како дел од иницијативата наречена „Спречување на појава на зоонозни болести“. Иницијативата е почната во Франција, 2022 година. Во проектот веќе се вклучени 200 организации од 22 земји.