(Видео) Големо невреме го зафати Куманово: Летаа кровови на згради, улиците поплавени!

Пороен дожд од 38 литри по квадратен метар, проследен со грмежи, ситен град и силен ветер попладнево го зафати Куманово. Според информациите на Регионалниот центар за управување со кризи пријавена е падната метална конструкција на булеварот Трета Македонска ударна бригада, паднат покрив на зграда на улица Тоде Думба, на неколку локации немало електрична енергија.

По невремето, екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ за итни интервенции веднаш започнаа со расчистување и санирање на последиците. На фотографиите можат да се видат паднат поголеми и помали дрвја. Екипите се на неколку локации во Куманово, вклучително и на булеварот Октомвриска револуција каде ги чистат затнатите канали и наноси.

И покрај дождот имало неколку пожари од помал обем во Кумановско, а во РЦУК Куманово имало пријави за два одрона во рурални средини, едниот во Липковско, вториот во Старо Нагоричане.

Поинтензивни врнежи попладнево освен во Куманово имаше и во Пробиштип, Кратово, како и во подрачјето помеѓу Штип и Свети Николе. И до крајот на денот ќе преовладува променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме.

Пронајдете не на следниве мрежи: