Здравствената состојба на музичарот Бора Ѓорѓевиќ е влошена и во моментот се наоѓа во болница во Љубљана. Рокерот има проблеми со белите дробови, а како што дознава српски „Курир“ состојбата му се влошила.
– Состојбата на Бора Ѓорѓевиќ се влоши, прима висок кислород и не може да се направи никаква операција – изјави за „Курир“ Бане Обрадовиќ, менаџер на групата „Рибља чорба“.
Да потсетиме, фронтменот на „Рибља чорба“ пред три дена беше задржан во болница во Љубљана поради проблеми со белите дробови.
– Бора е во болница, сè ќе знаеме за 24 часа. Засега имаме само информации дека се работи за тешко воспаление на белите дробови, за сè е информирано семејството – изјави тогаш Бане Обрадовиќ, менаџер на групата.
Имено, на официјалната фејсбук-страница на групата „Рибља чорба“ објавено е соопштение за неговата здравствена состојба.
– Драги пријатели, поради нарушената здравствена состојба на Бора Ѓорѓевиќ, лекарите му забранија да патува и да се напрега поради тешка пневмонија како и влошување на состојбата со хронична опструктивна болест на белите дробови. Секако, како и секогаш, ќе ја победиме болеста и штом Бора се опорави ќе се видиме на нови дружења – беше наведено во објавата.