Соопштение за јавноста број 18 на ВМРО-ДПМНЕ Демократска Фракција: За ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција Преспанскиот договор предвидува понижувачко и недостоинствено ,,затварање“ на т.н. Македонско прашање на Балканот и е пример како асиметричен, неправеден билатерален договор го дерогира националното уставно право, и ги менува и ги игнорира постојните норми и го гази човековото достоинство. Се работи за неуставен пропис со многу противуставни одредби кој е потпишан и ратифициран со свесно погазување на процедурата при негово донесување и ратификација и истите доведуваат до негова апсолутна ништовност.
Исто така Договорот не е влезен во сила, односно не е потпишан од Претседателот на РМ и не е објавен во Службен Весник на РМ и затоа не може да биде основа за распишување на референдум. Уште повеќе што пост фестум консултација не предвидува Уставот и законите ниту такво нешто познава било кое право во било која држава во светот.
Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, во член 7 став 3 им дозволува и им гарантира на граѓаните, право да не гласаат за прашања кои не се во согласност и се во спротивност со националниот и државниот интерес.