„Војната може да заврши до 2025“: Зеленски го претстави својот план на самитот во Дубровник

Премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и претседателот на Украина, Володимир Зеленски се домаќини на третиот состанок на самитот Украина-Југоисточна Европа, што денеска се одржува во Дубровник. Зеленски на самитот го претстави својот план за завршување на војната во Украина.

„Ви благодариме за гостопримството на децата, ранетите борци. Ви благодариме што учествувавте на мировниот самит и навистина сите се обидовте да ја завршите оваа војна на праведен начин, што е од најголема важност за нас. Сакаме стабилност, но таа стана ресурс, многу важен во меѓународните односи“, порачал еленски.

Тој посочил дека Русија е закана и за другите земји.

„Се разбира, руската агресија, исто така, претставува закана за стабилноста на Источна Европа. Сите овие закани од Москва се реални. Таа сака да ја дестабилизира Европа на Балканот и на Балтикот со мешање во животите на другите земји. Токму затоа мора да ги зајакнеме нашите капацитети за борба против дестабилизацијата на Европа и светот. Ваквите билатерални безбедносни договори, од кои имаме вкупно 26, се клучни за структурата на Европа. Руската војна против нас, нашиот народ, му покажа на светот како изгледа модерното војување“, соопштил Зеленски и додава дека Украина сега е способна да произведе помодерно оружје, што ќе им даде сила и на арсеналот на другите земји.

Зеленски додал дека Европа мора да остане обединета.

„И покрај политичките тензии, ние мора да обезбедиме европското единство да остане стабилно и дека Европа е обединета. Нема мир без единство. Процесите на интеграција што започнаа мора да одат кон својот крај. Сите демократски народи на Европа мора да учествуваат во ова. Се надевам дека наскоро ќе постигнеме членство во ЕУ и би се обидел да ве охрабрам тесно да соработувате со земјите кандидати за да го направиме пристапниот процес што е можно понепречен“, повикал уркаинсткиот претседател на соработка.

„Зборуваме за тоа што треба да се обнови и што го уништи Русија, но и за нова сила – индустриска, социјална и се што ќе придонесе за нашиот успех на глобалната пазарна конкуренција. Тоа треба да биде нешто како Маршаловиот план за Европа“, навел Зеленски во Дубровник.

Спомнувајќи го планот за примирје, Зеленски изјавил : „До ноември документот ќе биде готов и ќе ги содржи условите неопходни за завршување на војната. Верувам дека сите ќе бидете вклучени во процесот овде, како да се натера Русија и одговорните за војната да го следат мировниот договор?“.

„Украина, исто така, одговара на таквите акции како овој самит со цел да се постигне солидна стабилност. Русија ќе ја изгуби способноста да биде закана за цела Европа. Нашиот план е претставен пред САД и верувам дека ќе ни помогне да ги постигнеме нашите цели. Првата точка се фокусира на тоа дали геополитичкиот безбедносен дефицит во Европа е нешто што може да се реши? Ако ова се реши, Путин би можел, веруваме, да ја изгуби својата геополитичка сила и Русија да престане да се меша во слободата на земјите со кои се граничи“, рекол  тој.

„Војната треба да заврши до 2025 година и со решителна акција. Италија, Германија, Велика Британија, Франција, заедно со претседателот Бајден, работат на безбедноста во Европа. Заедно можеме да постигнеме се што сакаме“, кажал шефот на украинската држава на крајот од својот говор.

Пред говорот, Зеленски и Пленковиќ потпишаа договор за долгорочна соработка и поддршка во име на Украина и Хрватска. Двете земји ја повторуваат својата најжестока осуда на руската неиспровоцирана, неоправдана и незаконска актуелна војна за агресија против Украина и нејзината привремена окупација на државната територија на Украина, што е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН, завршниот акт на Хелсинки и Париска повелба.

На самитот сите учесници ќе ја потпишат Декларацијата, чии главни точки вклучуваат осуда на руската агресија, поддршка за територијалниот интегритет на Украина, вклучително и Кримскиот полуостров, поддршка за мировниот план на претседателот Зеленски, барање за гонење на воените злосторства во Украина, поддршка за европската интеграција на Киев и членството во НАТО (кога ќе има услови) и поддршка за енергетската безбедност и обновата на Украина по завршувањето на војната.

Пронајдете не на следниве мрежи: