Србија има намера да продолжи да води независна политика во однос на невоведувањето санкции против Русија, и покрај огромниот притисок од западните земји. Ова го изјавил за руската новинска агенција ТАСС наведувајќи дека единствената земја во Европа која не вовела санкции против Русија била токму Србија.
„Кога започна конфликтот во Украина, реков дека не знам како ќе се развиваат настаните. Тогаш на државно ниво решивме да го осудиме конфликтот, како и сите други, но рековме дека наш став е да не се воведуваат санкции. Тоа го кажав тогаш затоа што знаеме како е кога ви се наметнуваат санкции. Би било неправедно да му се направи тоа на рускиот народ, кој е пријателски настроен кон нас“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател вели дека на српскиот народ му кажал дека не може да гарантира како ќе се одвиваат настаните, но и притисокот во иднина, но и дека не сакал да се прави, како што рече, херој на два или три дена, а потоа да се премисли.
„Не се чукаме во гради или нешто слично, но, како што гледате, мојот одговор сепак ќе биде дека ќе се трудиме што подолго да ја браниме нашата позиција. Тоа ни успеваше две години. Дали ќе продолжиме да го правиме тоа не знам, но се надевам. Но, кога велам не знам, мојот збор е повреден од нечие цврсто ветување“, рече тој.
Сепак, Вучиќ вели и дека многу пријателски европски земји на Србија вовеле санкции кон Русија, но дека сите тие имаат различни позиции. Тврди дека од почетокот на конфликтот во Украина поминале две години, а оттогаш досега Србија е единствената земја во Европа која не вовела санкции против Русија.
„Сега поминаа точно две години од почетокот на специјалната воена операција. Србија е единствената земја во Европа која не воведе никакви санкции. Имаме многу пријатели во сите европски земји и сите тие воведоа санкции кон Русија. Некои ќе ви кажат дека се воведени од централната власт и дека се против, некој, пак, ќе каже дека вовеле санкции, но дека им помагаат за други работи. Единствена земја која не воведе санкции е малата Србија, рече Вучиќ.
Досега Вучиќ неколкупати има посочено дека Србија нема намера да воведува санкции кон Русија, но и дека очекува притисок кога станува збор за позицијата на неговата земја по ова прашање.
Неговите ставови одат во насока дека постојано очекува некој нов притисок од Западот во врска со воведувањето санкции против Русија поради инвазијата на Украина и оти очекува во секоја следна можност европските претставници да му „држат предавања“ на оваа тема.