Се вели дека кучето не е само домашно милениче, туку и член на семејството… А пак, времето минато во игри и галење со куче го намалува нивото на стрес и помага за поголема концентрација, покажува ново истражување објавено во списанието „Плос уан“ (Plos One).
Д-р Онијо Јо од Универзитетот на Конкук во Јужна Кореја и неговите колеги проучувале 30 возрасни лица кои носеле електроенцефалографски (ЕЕГ) електроди и изведувале осум активности со куче. Испитувани се хормоналните промени пред и по играњето со кучиња, како и мозочната активност на луѓето. Сѐ тоа открива дека минувањето време со своето милениче ги засилува мозочните бранови коишто се поврзани со концентрацијата и опуштањето.
Истражувачите го проучувале мозочната активност на луѓето додека учествувале во своите активности со кучињата – емоционалната состојба, стресот итн.
„Нашата студија покажува дека интеракциите со животните, како што се игра, шетање, масирањето и дотерувањето кучиња, имаат позитивно влијание врз луѓето. Ова укажува дека одредени активности предизвикуваат опуштање, емоционална стабилност, внимание, концентрација и креативност“, се вели во научниот труд.
Преку субјективна проценка на расположението, резултатите откриваат дека играта со кучињата го намалува стресот кај човеот и поттикнува позитивни емоционални одговори.
Битно: Иако сите учесници немаат свое милениче, сите тие сакаат животни. Авторите забележуваат дека поради ова може да има одредена пристрасност во испитувањата.