На 7 декември, замбиската полиција уапси четири пара од Хрватска под сомнение за трговија со луѓе, откако планирале да посвојат деца од Конго.
Како што потврдија од хрватското Министерство за надворешни и европски работи, осум хрватски државјани веќе шеснаесетти ден се во притвор.
Меѓу уапсените се и 44-годишниот Д.М и неговата 45-годишна сопруга Н.М., гитаристот на „Хладно пиво“ и неговата сопруга А.И.М. која е службеничка во Уставниот суд, загрепскиот ветеринар Л.П. и неговата сопруга, како и познатиот активист за човекови права Н.К и неговата сопруга.
Пријателите се шокирани
Пријателите на уапсениот гитарист неофицијално за медиумите изјавиле дека тој и неговата сопруга планирале да посвојат дете од Африка и дека пред неколку дена отишле да го земат. Веста дека се уапсени ги шокирала.
Тамошните медиуми објавија изјава од командантот на полицијата во провинцијата Копербелт, Пикавел Мвемба, кој рече дека службениците за имиграција на аеродромот Симон Мванса Капвепве уапсиле четири парови со хрватско државјанство по дојава дека на 6 декември, тројца белци со четири деца од Конго резервирале соби во пансионот Кансенши во Ндола.
Службениците за имиграција со помош на полицијата ги следеле осомничените, а еден ден подоцна, на 7 декември во 12 часот, службениците за имиграција на меѓународниот аеродром Симон Мванса Капвепве ги пресретнале и ги уапсиле заедно со децата.
Осомничените се приведени одделно во полициски станици, а децата се предадени во институциите за социјална заштита.
– Прелиминарната истрага покажува дека документите поврзани со посвојувањето на четири деца, за кои се верува дека се издадени од властите на Конго, не се автентични, а за таа цел е ангажирана канцеларијата на Генералниот конзулат на Конго – изјави полицискиот командант за замбиските медиуми.
Сè уште во притвор
Од хрватското Министерство за надворешни и европски работи велат дека Хрватите се уште се во притвор, дека истрагата е во тек и дека се уште не се обвинети за ништо.
– Приведени се поради сомнение за валидност на документацијата за посвојување – додаваат оттаму.
Истрагите се во тек и се чекаат одлуките на замбиските власти. Се проверува законитоста на постапката за посвојување.
На хрватските државјани приведени во Замбија им е добро и денеска по втор пат ги посети вработен во конзуларното претставништво на амбасадата во Преторија. Амбасадата на Хрватска им стои на располагање и им ја дава сета потребна конзуларна помош.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.