Премиерот Ковачевски потсети дека за тоа реагираа и Владата и македонското МНР, осудувајќи го недоличното однесување кое, со зборовите на Ковачевски, „не прилега на ниту еден човек, без разлика со што се занимава, а посебно за некој којшто е член на Европскиот парламент“. Тој посочи дека е реагирано до бугарските власти, како и дека е испратено и писмо до Европскиот парламент.
Ковачевски, за разлика од Јорданов, им се заблагодари на граѓаните кои на мирен начин му оддадоа почит на великанот Гоце Делчев, додавајќи дека не треба да им се дава простор на провокациите.
„Сметам дека на 4 февруари согласно со одлуките на Советот за безбедност, согласно со одлуките на Владата, МВР и сите други безбедносни служби во координација со партнерските служби… бидејќи да не заборавиме дека ние сме членка на НАТО… успеавме да организираме достоинствено и мирно чествување на роденденот на Гоце Делчев, великанот на македонската револуционерна борба. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани коишто во тој ден на мирен начин му оддадоа почит, бидејќи на сите им беше овозможено согласно со протоколите и согласно со процедурите на МВР тоа да го направат, и сметам дека во иднина треба да се остава што помалку простор за такви како што е во случајот господинот којшто вие го кажавте, меѓутоа и за други коишто единствено ги интересира само провокации, коишто ги интересира нарушување на добрососедските односи помеѓу нашата држава и другите земји од регионот, бидејќи се тоа личности и тоа се политички партии коишто не сакаат да го видат овој регион како дел од ЕУ. Од друга страна сме ние официјалните влади на државите од регионот, коишто сакаат да го видат регионот како член на ЕУ, и на тоа ќе работиме“, одговори Ковачевски на новинарското прашање.
Во однос на Бугарија, тој смета дека не би требало дополнително да коментира, бидејќи, како што рече, соседната држава веќе е влезена во изборна кампања. Штом ќе завршат изборите таму, ќе може да се воспостави понатамошен дијалог во однос на билатерални и мултилатерални проекти со владата што ќе ја имаат после изборите коишто ќе се одржат во првата недела на пролет, додаде Ковачевски.
За коментарите на бугарскиот претседател Румен Радев и за изјавата на техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков и за тоа како гледа кон последната поддршка за Христијан Пендиков – кому му се нуди бугарско државјанство по брза постапка, стан, пари, па и лично обезбедување – Ковачевски повтори дека на 4 февруари кај нас беа спроведени сите одлуки и процедури согласно со закон, за мирно и достоинствено чествување, дека сите наши безбедносни служби водени од МВР беа во постојана координација, меѓутоа и во координација со партнерски министерства и служби во Софија и, како членки на НАТО, направени на најпрофесионален начин.
Во однос на граѓанските права на граѓаните кои се самоопределуваат различно од мнозинството, Ковачевски истакна дека тоа кај нас е издигнато на највисоко можно ниво, во споредба со голем број земји во Европа и во светот.
„Кај нас правата не се само лист хартија туку се спроведуваат низ голем број институции кои ние ги имаме изградено низ годините. Имаме Министерство за политички систем, имаме агенции за унапредување на правата на помалите заедници, агенции за употреба на јазици, што ако споредите во друга држава не може да најдете. Добро е што тоа сме го направиле – ние сме мултиетничка, мултикултурна држава, која својата сила ја црпи од различностите кои што ги имаме кај нас. И така и ќе продолжиме. Што се однесува до активностите кои што ги има Бугарија во надлежност на својата држава и нивните институции, ние тука не можеме да се мешаме дали тие некому ќе му дадат државјанство или ќе му поклонат стан, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме тоа да го направиме со некој граѓанин“, рече Ковачевски.
За бугарските државјани кои предизвикаа тензии со македонските граничари, Ковачевски е категоричен дека тие се однесувале спротивно на законот и тоа, како што нагласи, цела Европа и целиот свет може да го види и од сите снимки од граничниот премин. Граничната полиција беше навредувана и реагирала, како и нашите правосудни органи, навремено и согласно со сите закони и конвенции во делот на заштитата на поредокот во државата, но и во делот на остварувањето на правата на секоја индивидуа, заклучи Ковачевски.
„Тие граѓани согласно со нашиот закон кои се странски државјани, не се во Македонија, ги имаат добиено своите пресуди заради недоличното однесување. Согласно со тоа, на дел од нив им е забранет влез на одреден временски период во државата, дел имаат казни кои ќе треба да ги подмират. Тоа е нормално за секој граѓанин на друга држава без разлика од која држава доаѓа, истите закони важат, а важат и за нашите граѓани, санкциите се исти“, рече премиерот.
Пронајдете не на следниве мрежи: