Исцрпена од притисокот да успее како фотограф, Лицки Ли (21) прифати подобра понуда – ја напуштила работата за да стане едно од поголемиот број деца во Кина чии семејства им плаќаат да останат дома.
Ли сега ги поминува деновите купувајќи намирници за своето семејство и грижејќи се за нејзината баба со деменција. Нејзините родители ѝ даваат плата од околу 835 американски долари месечно, што е солидна плата за средната класа во помалку урбаните делови на Кина, а Луојанг и е тоа во споредба со Пекинг, Шангај, Шенжен…
„Причината поради која сум дома е затоа што не можам да се справам со притисокот од одење на училиште или на работа. Не сакам интензивно да се натпреварувам со моите врсници. Затоа решив да ‘си се превртам на грб’, изјави таа за CNN, користејќи популарна фраза која се однесува на избегнување исцрпувачки работни часови или интензивно учење за да се создаде најдобра можна позиција во кариерата.
За возврат, таа се одлучи за традиционални семејни вредности и поедноставен живот.
„Не ми треба нужно подобро платена работа или подобар живот, среќна сум вака“, додаде таа.
Таа не е единствената.
Незадоволството го движи феноменот „синови и ќерки со полно работно време“, како што ваквите случаи се нарекуваат на популарната кинеска социјална мрежа Douban од крајот на минатата година, кога овој тренд за прв пат беше забележан.
Повеќето од десетици илјади млади луѓе кои се идентификуваат како такви на социјалните мрежи велат дека се повлекуваат дома затоа што едноставно не можат да се вработат. Навистина, стапката на невработеност кај младите (од 16 до 24 години) изнесуваше дури 21,3 отсто во јуни, а тоа им предизвикува повеќе главоболки на политичките лидери. А овие официјални бројки се дури и оптимистички.
„Вистинската стапка на невработеност кај младите е околу 46,5 отсто, бидејќи многумина не ни бараат работа, па не се во евиденција. Тие претпочитаат да останат дома, а родителите им даваат пари“, вели професорот на Универзитетот во Пекинг, Џанг Дандан.
Причините за таквата ситуација се всушност едноставни и ги гледаме во многу делови од светот. Младите имаат помалку можности од порано, конкуренцијата е поголема од порано, па дури и кога ќе најдат работа, таа е помалку добро платена од порано. Пред сè затоа што чекањето за унапредувања и покачувања е подолго. Некои професии се исклучок, но тие не се движечка сила на економски лидер како Кина.
За младите веќе не вреди да се занимаваат со послабо платени физички работи во производството, ниту пак им вреди да живеат сами поради трошоците за живот кои ги надминуваат заработувачките. Така, како и во другите делови на светот.
Само, кога во Кина, каде генерацијата родени во 80-тите го постави стандардот на напорна работа, конкурентност, амбиции и постојано „туркање напред“, имаме ваква ситуација, тогаш треба да бидеме загрижени. Зашто, кога за само десет до 15 години исчезне таков импулс што ја претвори Кина во велесила, тогаш не е чудно што тоа се случува и на друго место.
Очигледно нешто „не е во ред“ кога младите не чувствуваат дека нивниот труд се исплати. Притоа се „бомбардирани“ со приказни за успех, критериуми кои мора да ги исполнуваат и во сето тоа кога од нив се бара едноставно да ја прескокнат младоста.
Психолозите објаснуваат дека поради сите овие очекувања има одбивност и губење на мотивацијата, т.е. контраефект што се прелеа на целата генерација и ако нешто не се промени на подобро, веќе во оваа деценија Кина би можело да почувствува потреси во економска и воопшто општествена смисла.