Луѓето со вишок на килограми имаат значително поголем ризик да развијат ментални болести. Ова се однесува на сите возрасни групи, при што жените заболуваат од повеќе болести почесто од мажите, покажало едно неодамнешно истражување на Медицинскиот универзитет во Виена.
Дебелината е проблем со кој се соочуваат повеќе од 670 милиони луѓе ширум светот. Веќе е детално истражено дека болеста предизвикува метаболни нарушувања и остава сериозни кардиометаболитички последици, како што се дијабетес мелитус, артериска хипертензија и нарушување на метаболизмот на липидите.
Како дел од студијата, истражувачкиот тим анализирал збир на податоци за сите болнички престои од 1997 до 2014 година и утврдиле дека дијагнозата на дебелина значително ја зголемува веројатноста за широк спектар на ментални нарушувања, вклучувајќи депресија, зависност од никотин, психоза, анксиозност, нарушување во исхраната, како и на самата личност. Резултатите ја истакнале потребата за подигање на свеста за психијатриските дијагнози кај пациентите со вишок килограми и доколку е потребно, консултација со специјалисти во раните фази на болеста. Досега, лекарите погрешно претпоставувале дека психофармаколошките лекови се причина за поврзаноста помеѓу менталниот стрес и дебелината, како и дијабетесот. „Ова може да биде точно и за шизофренијата, каде што гледаме обратен хронолошки редослед, но нашите податоци не покажуваат дека тоа е точно за депресијата или други психијатриски дијагнози“, изјавил првиот автор на истражувањето, Александар Кауцки од Клиниката за психијатрија и психотерапија.
Сепак, сè уште не е потврдено дали дебелината директно влијае на менталното здравје или можеби раните фази од развојот на менталните нарушувања не се препознаваат навремено.
Додека 16,66% од мажите со вишок килограми страдаат од зависност од никотин, само 8,5% од жените зависни од никотин се борат со дебелина. Во случај на депресивни растројства, ситуацијата била обратна.
Стапката на дијагностицирани депресивни епизоди била скоро 3 пати поголема кај дебелите жени (13,3% со вишок килограми, 4,8% не се дебели), додека зачестеноста на заболувања кај дебелите мажи била двојно поголема (6,61% со вишок килограми, 3,21% не се дебели). Истражувањето потврдило дека дебелината често претходи на сериозни психолошки нарушувања, особено кај младите, каде што ризикот е најизразен.