Овој рецепт е моментално многу популарен на интернет, што не е ни чудно бидејќи ќе ви се отвори апетит само кога ќе ги прочитате состојките.
Познат како „милионерски колач“, десертот го оправдува своето име бидејќи карамелата и чоколадото просто се топат во уста.
Потребни состојки:
За тестото:
– 225 гр. мек путер
– 125 гр. шеќер
– 340 гр. брашно
– 1 прстофат сол
За карамела:
– 200 гр. мек путер
– 200 гр. шеќер
– 400 мл. кондензирано млеко
– 3-4 лажици јаворов сируп или растопен мед
За чоколаден слој:
– 250 гр. чоколадо (млечно, темно или бело)
Начин на подготовка:
Загрејте ја рерната на 150 Целзиусови степени, а потоа обложете правоаголен плех (33 цм х 23 цм) со хартија за печење. Прекријте ги и бочните страни.
За крцкаво тесто измешајте го мекиот путер, шеќерот и со миксер матете околу 3 минути. Потоа додавајте го просеаното брашно и матете уште 3 минути. На почетокот ќе се формираат ронки од тесто, но продолжете да мешате додека не добиете груба смеса.
Ставете го тестото во плех за печење, а потоа притиснете за да го направите бисквитот дебел околу еден центиметар. Ставете го во рерна и печете околу 35 минути додека тестото не добие златно жолта боја. Извадете, оставете го целосно да се излади на собна температура и ставете го во фрижидер.
За карамелата, ставете го преостанатиот путер, шеќерот и кондензираното млеко заедно со јаворовиот сируп во тенџере и загрејте на среден оган. Оставете да се крчка околу 30 минути со постојано мешање додека течноста не се претвори во густа карамела.
Ставете ја карамелата врз тестото и распоредете ја рамномерно. Ставете го во фрижидер уште еден час за карамелата да се зацврсти.
На крај, растопете го чоколадото на пареа и истурете го врз слојот карамела. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне, исечете го на коцки и уживајте.