Кошаркарите на Далас Маверикс поведоа во серијата против Минесота Тимберволвс во финалето на плејофот на Западната конференција на НБА лигата, откако го добија првиот натпревар на гостински терен со 108:105.
Далас го предводеше Лука Дончиќ со 33 поени, од кои 15 постигна во четвртата четвртина, а имаше и осум асистенции, шест скока и три украдени топки. На почетокот на четвртата четвртина, Словенецот постигна седум последователни поени за 63 секунди како дел од серија од 13:0, по што Далас поведе со 97:89.
Минесота се врати за да поведе со 102:98 на три минути и 37 секунди до крајот, а потоа Далас тргна во серија од 8:0 за да ја заработи својата прва победа во финалето на Западот.
Кајри Ирвинг во победата придонесе со 30 поени, од кои 24 постигна во првото полувреме, а имаше и пет скока и четири асистенции. ПиЏеј Вошингтон додаде 13 поени и седум скока, а Даниел Гифорд 10 поени и девет скока.
„Неверојатно. Кајри нѐ покрена. Без него веројатно ќе губевме 20 на полувремето, па тој нѐ покрена. А јас морав малку да му помогнам во вториот дел“, изјави Дончиќ по натпреварот.
Во тимот на Минесота, Џејден МекДаниелс постигна 24 поени, а Ентони Едвардс 19 поени со 11 скока и осум асистенции. Карл Ентони Таунс додаде 16 поени и седум скока при шут 6-20, Наз Рид 15 поени, а Руди Гобер 12 поени и седум скока.
„Бевме чекор зад нив, особено јас. Едноставно бев исцрпен. Но, ќе бидеме добро, ова беше само почеток”, изјави Едвардс.
Вториот натпревар ќе се игра ноќта меѓу петок и сабота, а домаќин повторно ќе биде Минесота.