Сите видови овошје и зеленчук се здрави, а ако ги прашате нутриционистите, ќе ви кажат дека е најдобро да јадете разновидни овошја.
И тоа навистина е најдобрата опција бидејќи различни видови на овошја содржат и различни витамини и минерали кои му се неопходни на организмот за оптимално функционирање.
Но, ако треба да изберете еден вид овошје кој е најздрав, тогаш тоа се бобинките.
„Кога станува збор за овошјето, бобинките се навистина на врвот на листата“, вели нутриционистката Ејми Гудсон. „Тие се полни со влакна, витамин Ц и флавоноиди кои се моќни антиоксиданти“.
Во споредба со другите видови овошје, бобинките содржат убедливо најмногу влакна. Во една шолја малини или капини се наоѓаат дури 8 грама влакна, што е нешто повеќе од 30 отсто од препорачаниот дневен внес. Инаку, влакната се важни за здравјето на цревата и варењето, а играат голема улога и во слабеењето.
Освен тоа, бобинките се важен извор на антиоксиданти, состојки кои го забавуваат стареењето и ги штитат клетките од слободните радикали кои предизвикуваат оксидативен стрес и водат до хронични болести.
А кога станува збор за бобинките, кој вид е најдобар? Нутриционистката вели – боровинките бидејќи се полни со антиоксиданти и полифеноли.