„Единствен матичен број“ добитник на наградата „Роман на годината“


Романот „Единствен матичен број“ на писателката Лидија Димковска во издание на „Три“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2023 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредност „Славко Јаневски“.

-Симболичен е насловот, меѓутоа и многу важен за сите нас. Сите ние имаме единствен матичен број. Тоа значи дека постоиме на некој начин. Но прашањето што јас го поставувам во романот и што секој од нас треба да го постави е дали навистина постоиме, дури и тогаш кога имаме единствен матичен број, а на тоа прашање секој треба да си одговори посебно, индивидуално и можеби смао во тишината на своето срце, рече на денешната прес-конференција писателката Лидија Димковска.

Таа потенцираше дека станува збор за нејзин четврти роман во кој има вложено многу труд, време, но и многу истражување и посочи дека е нејзиниот најсериозен роман досега. Романот, како што рече, е апсолутно фикција, која што црпи од документаристиката.

Како што појасни, се работи за психолошки роман, кој говори за дисфункционално семејство кое што живее во Скопје, за еден брак меѓу Македонка и Грк од Кипар. Исто така, посегнува и по некои политички прашања.

-Романот носи навистина тешка тема, повеќе теми кои не засегаат сите нас. Јас се уште пишувам за македонската стварност, бидејќи сега ја имам потребната книжевна дистанца од Македонија. Од надвор можам да ја гледам Македонија, меѓутоа и од внатре, од душата, и тоа ми дава посебни услови за пишување за македонското општество, за македонската реалност. Оваа книжевна дистанца ми е многу важна. Ми дава слобода, можам да напишам се што ќе замислам, додаде Димковска.

За неа, најважно е кога при пишување на роман си поставува и естетски но и етички прашања.

-Важно ми беше да го напишам овој роман за да си поставам не само естетски, туку и етички прашања. За мене естетиката и етиката во книжевноста се многу важни. Да зборуваат нешто за нашиот актуелен свет меѓутоа не на некоја дневно политичка база туку овој роман и сите наградени, да зборуваат се уште за актуелни нешта. Пишувањето на романот „Единствен матичен број“ не беше лесна работа. Бев двапати на Кипар, соработував со Институтот за раздвоениот Кипар којшто се наоѓа во Никозија. Најмногу соработував со уметникот Димитријадис, додаде Димковска.

Писателот и минатогодишниот лауреат Влада Урошевиќ на денешната прес-конференција рече дека со овој роман, Лидија Димковска создала дело во кое личните истории, благодарение на нејзината прозна вештина, ги шират своите кругови на знаења се до глобалните размери.

-Преку историјата на едно семејство, Димковска се нафаќа да ја претстави, во сета нејзина трагика, едната од индивидуалните и коелктивните судбински состојби толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Присилното губење на татковината, на родниот дом, на делот од сопственото постоење проникнато со безброј врски кои го спојуват поединецот со неговото потекло добива на романот на Димковска своја конкретна, мошне индивидуализирана посебност, се вели во образложението за наградата на членовите на жири комисијата.

Урошевиќ потенцираше дека низ поимот „пустелија“, мошне често повторуван низ оваа проза, сугерирана е, со една голема доза на емотивна ангажираност, суровата стварност во во која живеат личностите на романот.

-Сите тие личности се отуѓени – колку во односот еден кон друг, толку и во ондосот кон околината што ги опкружува. Судирите помеѓу нив, како и нивните судири со општествените норми, се само последици на нивните неуспешни обиди да го пробијат ѕидот на недоразбирањето што светот го изградил околу нив, додаде Урошевиќ.

Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски на прес-конференцијата потенцираше дека оваа награда е од големо значање за македонската култура.

-Станува збор за награда што ја сакаат луѓето. Наградата што ја сакаат издавачите, авторите, читателите. Фондацијата Славко Јаневски веќе седма година ја доделува оваа награда и секогаш сум дури трогнат кога е видам колку луѓе помагаат во развојот на наградата.

Генерален покровител на наградата „Роман на годината“ е Комерцијална банка АД Скопје, а наградата е поддржана и од Министерството за култура. Се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Претставникот на Комерцијална банка Андреј Јовковски рече дека Комерцијална банка оваа година обезбеди поддршка од 360 илјади денари, од кои 150 илјади денари се парична награда за лауреатот, а останатите се за паричен надомест на членовите не жирито и за статуетката и плакетата.

-Седма година сме поддржувачи и сведоци на врвни литературни дела кои заслужено го добиваат овој епитет „Роман на годината“. Изборот е вистински празник за македонското литературно творештво и затоа Комерцијална банка е горда што е дел од целата приказна, посочи Јовковски на денешната прес-конференција.

Во конкуренција за оваа книжевна награда која во земјава се доделува по 25 пат, беа 36 романи. При изборот, беа одржани пет состаноци, а во финалето за наградата освен романот „Единствен матичен број“ на Димковска, беа и романите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“).

Пронајдете не на следниве мрежи: