„Функционирањето на партијата преку бркање пиар пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата, на која посветив осум години, се најверојатно неостварливи“, вели Ристов
Претседателот на Советот на Општина Карпош Бранко Ристов, кој е од партијата Левица, денеска објави дека си поднесува оставка од сите внатрепартиски функции.
Оставката на Ристов е втора за два дена, откако претходно и неговиот сопартиец од Советот во Општина Аеродром, Дарко Масларковски, се реши на истиот чекор.
„Кога вака се однесуваат со луѓето со кои од почеток се борат за Левица тогаш не ме зачудува зошто со нас така се однесуваат. Жално“,
напиша Масларковски на својот фејсбук-профил објавувајќи ја одлуката на Ристов.
Според Ристов, на поднесување оставка се решил затоа што, како што пишува, политичките цели на партијата се најверојатно неостварливи.
„Давам оставка од сите внатрепартиски функции. Функционирањето на партијата преку бркање пиар пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата, на која посветив осум години, се најверојатно неостварливи. Оттаму не би сакал да посветам уште осум за да ми се потврди мојот страв со што би пропуштил неповратно време кое би можел да го посветам на најблиските“,
се вели во изјавата на Ристов која ја пренесува Масларковски.
Ристов вели оти оставката е со цел да се избегне потребата да се расправа за неговиот статус во партијата.
„Не би сакал повторно президиумот да се деградира преку филување одлука во генерален став. Првичната верзија пред да биде пратена циркуларка дури вклучува дека ‘сум саботирал собирање потписи’. Ваљда во меѓувреме виделе фб или нешто дека врска нема, па преиначен е текстот во нешто за кое може да креативно да се толкува. Вака се што останува е ЦК да верификува“,
додава Ристов.
Според Ристов, во случај некој да врти филмови за пучови и расколи, пуч согласно статутот на Левица е практично невозможен.
„Би знаел оти статутарните измени ги презентирав на првиот пленум. За раскол излишно е да коментирам оти партијата е во континуиран раскол веќе некоја година. Моето присуство нема да го реши, ниту пак моето отсуство затоа што во змиско гнездо кога ќе снема глувци се што останува е змиите да се јадат меѓусебно“,
вели Ристов посакувајќи и среќа на партијата понатаму.
Неговиот доскорешен партиски колега Масларковски во објавата упатува прашање до лидерот Димитар Апасиев кој ја растура партијата.
„И сеа бе Димче Наполеонче мужен за кулачка милионерка фабрикант ја растура партијата или ние ја растураме“,
се вели во објавата на Фејсбук.
Масларковски, вчера, исто така преку објава на својот фејсбук-профил, соопшти дека повеќе не е член на политичката партија Левица велејќи дека одлуката е базирана на повеќе причини и дејства на кои, како што напиша, не може да остане рамнодушен.
„Разочаран сум бидејќи работите во партијата не се на она другарско и чисто идеолошко делување, како на почетокот, тоест полно е со византиски игри, намерно уништување, игнорирање и оддалечување од чесни, вредни, борбени, бестрашни, бескомпромисни ‘чисти’ кадри. Се случува опкружување со полтрони, интересџии и безкичмењаци кои безпоговорно следат луди директиви (како таа за отстранување на македонското знаме од Кутлеш), како и екипирање на раководни кадри кои се премногу сомнителни, увезени токму од политичките елити против кои се бориме(наводно се бори и Левица)“,
се додава во објавата на Масларковски.