За физички неактивните, веројатноста да починат од COVID-19 е поголема

Меѓу луѓето што барем еднаш биле болни од COVID-19, претходната физичка неактивност е поврзана со многу потешки симптоми и поголема опасност од смрт, покажува истражување со скоро 50.000 испитаници кои биле заразени со коронавирусот.
Имено, според испитувањето на Медицинскиот центар „Кајзер перманент“ од САД, кај луѓето кои не биле физички активни најмалку две години пред пандемијата, има поголема веројатност да бидат однесени в болница, лекувани на интензивна нега и да починат. Како ризик за сериозноста, физичката неактивност е надмината само од возраста и факторот трансплантација на орган, се вели во напис објавен во британскиот Journal of Sports Medicine.
Во споредба со други фактори на опасност, како што се пушењето, дебелина или висок крвен притисок, „физичката активност е највисок фактор на опасност во сите исходи на болеста“, се нагласува во написот.
И фактори како возраст, машки пол, дијабетес, дебелина и кардиоваскуларни заболувања се често поврзани со потешко поднесување на COVID-19.
Досега, „мрзливиот начин“ на живот не беше вклучен во категоријата фактори на ризик во однос на COVID-19. Иако податоците се статистички убедливи, стручњаците истакнуваат дека заклучоците се засновани врз субјективни впечатоци и податоци од пациентите, па постои можност и за пристрасност.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.