Некои веќе преговараат, други се на почеток на процесот, трети треба да исполнат дополнителни услови за да станат дел од европското семејство. Во продолжение на кратко се осврнуваме на она што во 2023 го очекува Западен Балкан во односите со ЕУ.
Уставните измени ги отвораат поглавјата за Северна Македонија
Отворањето на поглавјата од преговорите со ЕУ во случајот со Северна Македонија е условено. За да се случи неопходно е претходно државата да направи измени на Уставот. Тие ќе значат влез и на Бугарите во македонскиот Устав. Ова е дел од компромисот од таканаречениот француски предлог. Северна Македонија меѓу другото се обврза на овие уставни измени, а Бугарија не ја блокира првата меѓувладина конференција Северна Македонија – ЕУ, пишува ТРТ.
Засега нема општествен консензус за уставните измени. Опозицијата се спротивставува и со аргумент дека нема гаранции дека ова ќе биде последното барање на Бугарија. За да бидат усвоени измените неопходно е двотретинско мнозинство во Собранието.
Дел од експертската јавност посочува дека зад инсистирањето за уставни измени се крие друга опасност.
„Јасно е дека годинава фокусот на сите политички актери ќе биде на уставните измени, но тука креираме повторно ризик на ставање во втор план на суштествените реформи за пристапување во ЕУ, вклучително и во однос на владеењето на правото. За нас како општество е клучно да изнајдеме сили и капацитет да не дозволиме домашните задачи и подобрување на состојбата континуирано да бидат заложници на поголеми теми“, вели за ТРТ Балкан Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.
Отворен пат за дополнителни реформи во Албанија
За разлика од Северна Македонија во случајот на Албанија преговорите со ЕУ се отворени без никакви условувања. Впрочем, земјата долго време беше заложник на македонско- бугарскиот спор и одлуката на ЕУ Северна Македонија и Албанија заедно да се интегрираат.
Реформите во правосудството и ветинг процесот беа пофалени од Брисел, но сепак борбата против корупцијата и целосната реформа на правосудниот систем остануваат обврски посочени од ЕУ кои земјата треба да ги реализира.
Кандидатскиот статус не гарантира напредок за БиХ?
Босна и Херцеговина на крајот на 2022 доби кандидатски статус. Шефовите на влади или држави на земјите – членки на ЕУ ја потврдија препораката на Европската комисија.
Сепак државата може долго да остане во статус кво ситуација доколку не ги исполни бараните реформи. Брисел пред извесно време испорача четиринаесет барања за кои мора да се видат резултати за земјата да се придвижи по европскиот пат. Тие се однесуваат на зајакнување на правниот систем, борба против криминалот и корупцијата. Впечатокот и кај дел од домашната и меѓународната јавност е дека кандидатскиот статус на БиХ е нереален и дека земјата го доби поради сложената политичка ситуација и не е гаранција за експресен прогрес.
„БиХ доби статус на кандидат за членство во ЕУ кој несомнено е исчекор, но сам по себе не гарантира брз напредок, како што знаеме од македонскиот случај”, вели Кацарска.
Политиката кон Русија и ситуацијата на Косово клучни за Србија
Косовското прашање и усогласувањето на домашната со политиката на ЕУ во однос на Русија се главните предизвици со кои е соочена Србија. Оваа земја иако веќе активно преговара сепак е можно да остане без поддршката на Брисел, ако не се приклучи на санкциите кон Русија и особено, ако во лошо сценарио дојде до ескалација на ситуацијата на Косово.
„Во изминатата година видовме промена на реториката на ЕУ во однос на пристапувањето сo многу повеќе политичка поддршка, но прашање е колку таа ќе влијае на практично забрзување на патот кон ЕУ. Нормализацијата на односот помеѓу Косово и Србија е клучна за овие две земји, но и пошироко од регионална перспектива”, вели директорката на Институтот за европска политика, Кацарска.
Ситуацијата на северот ја диктира интеграцијата на Косово?
Косово е на почетокот на својот европски пат. Косовскиот премиер Албин Курти на крајот на 2022 година ја предаде апликацијата за членство во ЕУ. Ќе го чека одговорот. Во последниот извештај на ЕК за напредокот на Западен Балкан, беше истакната усогласеноста на Косово со политиката на ЕУ во однос на Украина.
Како за Србија така и за Косово, случувањата на северот остануваат главен предизвик од кој може да зависи интеграцијата во ЕУ и регионалната безбедносна политика.
Нужна стабилизација во Црна Гора
Црна Гора во преговорите со ЕУ ги има отворено сите поглавја, а има затворено само три. Државата преговара од 2012 година. ЕУ неодамна излезе со став дека политичката криза во земјата може да го успори европскиот пат на Црна Гора. Денеска пак стигна последното предупредување дека на земјата можат да и бидат прекинати преговорите со ЕУ, а ако пропадне и шестиот обид за избор на судии во Уставниот суд. Брисел исто така го загрижуваат нестабилноста на владата и одлуката на Парламентот за измена на закониот за овластувањата на претседателот на државата. ЕУ бара консензус за најважните прашања од политичките чинители и сите акти да бидат во согласност со Уставот. Законот за претседателските надлежности неодамна беше причина за масовни протести во Црна Гора.