Вљубувањето е чувство како никое друго. Искуствата како првиот бакнеж, пеперутките во стомакот и желбата да ја видите личноста во која се вљубувате никогаш не застаруваат. Со новата љубов доаѓаат и нови возбудливи нешта. Но, дали имате забележано дека вљубувањето во текот на летото е подобро од вљубувањето во која било друга сезона?
Зошто вљубувањето во лето e поразлично од вљубувањето во која било друга сезона?
Деновите се подолги, послободни сте, па уште пред да се вљубите вашето расположение е подобро. Иако зимата може да биде навистина романтична, во текот на летото можете да поминувате повеќе време на отворено со саканата личност. Постојат и биолошки причини за тоа зошто летната љубов е поубава, како и објаснувања кои имаат повеќе смисла.
1. Имате повеќе можности да запознаете нови и интересни луѓе
Во текот на летото често ве канат на забави на отворено, одите на базен и слично. Се мешате со луѓе кои не ги знаете или со кои имате разговарано само неколку пати. Љубопитноста за новата мистериозна личност во комбинација со доброто време и позитивната енергија е совршен рецепт за вљубување, а постои и научна причина зошто оваа привлечност е поинтензивна. Љубопитноста го зголемува производството на допамин, хормон поврзан со возбудата и очекувањата, што прави паровите да чувствуваат поголема сексуална привлечност еден кон друг.
2. Имате помалку обврски и сте поспонтани
Со помалку притисок од работата, училиштето и семејството, летото изгледа како пауза од остатокот од годината. Не сте зафатени со испити и не се обидувате да добиете некој бонус на работното место. Интеракциите се поопуштени, а донесувањето одлуки не е толку тешко. Летото ги тера речиси сите да излезат од својата школка.
3. Топлото време го подобрува вашето расположение
Според едно истражување од 2004-та година од Универзитетот во Мичиген, топлото време навистина го подобрува расположението и го отвора вашиот ум. По само 30 минути поминати на сонце, луѓето се поотворени за нови искуства, како среќавање нови луѓе и започнување разговор. Ова секогаш може да предизвика романтична или сексуална привлечност. Изложеноста на сонце го поттикнува производството на допамин и серотонин, како и хормонот наречен MSH кој пак го зголемува вашето либидо.
4. Се чувствувате посекси
Во текот на летото луѓето настојуваат да се хранат поздраво. Сакате полесна храна за разлика од студените месеци. Причината за ова е што сонцето може да ве дехидрира и ве тера да сакате храна на база на вода како цитрусни овошја, спанаќ и ладни супи. Овој здрав начин на исхрана, во комбинација со активностите на отворено прави да се чувствувате поудобно во вашата кожа. Покрај тоа, во топлите месеци носите помалку облека и покажувате повеќе од вашето тело. Оваа самодоверба им е привлечна на другите, а костимите за капење, кратките панталони и маичките ве прават неодоливи.
5. Нема притисок за обврзување
Многу често летната љубов може да се нарече и летна авантура. Дел од она што ја прави возбудлива е тоа што нема потреба од разговори за иднината. Само сакате да уживате во моментот. Според статистиките на Фејсбук од 2010-та и 2011-та година, од мај до август имало повеќе раскинувања кај сите возрасни групи за разлика од останатите месеци од годината. Едно можно објаснување за оваа драстична промена е тоа што паровите знаат дека после летото ќе треба да поминуваат повеќе време одвоени. Иако овие податоци покажуваат зголемен број на раскинувања, тоа значи дека има помалку врски кои траат во текот на летото, а тоа за вас се повеќе потенцијални партнери.