И ЕУ и земјите аспиранти за членство мора да бидат добро подготвени за идното проширување


Проширувањето е стратешки интерес на ЕУ, па иако постојат предизвици, спроведувањето на овој процес ќе има геополитички, економски, еколошки, социјални и демократски придобивки, се оценува во Документот за реформите и политиките пред проширувањето, што Европската комисија го достави до лидерите на земјите членки на Унијата на денешниот Самит во Брисел.

– За да се материјализираат овие придобивки и ЕУ и земјите аспиранти за членство мора да бидат добро подготвени, а процесот на пристапување мора да остане заснован на заслуги. Ова бара целосна и одржлива политичка посветеност и ангажман, пред се од земјите вклучени во пристапниот процес, но и од самата ЕУ. Со искористување на лекциите научени од претходните проширувања и со дополнително подобрување на нашите политики ќе станеме подобро подготвени за поголема Унија. Имено, постепената интеграција стана важен елемент во подготовката на земјите за проширување многу пред пристапувањето, се наведува во документот, кој има за цел да даде придонес во тековниот процес на дискусии за внатрешните реформи што треба да се преземат за да може ЕУ да се подготви за проширувањето.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК натаму нагласува дека ЕУ успешно управуваше со претходните проширувања, со прилагодување на своите политиките пред пристапувањето, обезбедување ригорозен пристапен процес и целна помош за потребните транзиции.

– ЕУ мора да се продлабочи додека се шири. Мора да почнеме да се подготвуваме денес со цел утре да го искористиме проширувањето како катализатор за напредокот. Цела Европа доби од проширувањето. Тоа ја направи ЕУ најголемиот интегриран пазар во светот. Тој ги отвори трговските и финансиските текови, а со тоа придонесе за економски раст во ЕУ и во земјите што пристапуваат, како и ја поголема тежината на ЕУ во глобални рамки, се наведува во текстот, при што се додава дека иако реформите и претходно беа неопходни, со проширувањето тие стануваат нужни.

Потсетувајќи дека поддршката на демократијата, владеењето на правото и основните права е камен темелник на ЕУ, во документот се посочува дека овие вредности мора да бидат во суштината на трансформацијата во земјите на вклучени во процесот на проширување.

– Иако може да се појават предизвици, поголемата Унија ги зголемува придобивки од Единствениот пазар. Но, за да се материјализираат овие придобивки и за граѓаните и за бизнисите, процесот на проширување мора да биде добро подготвен, смета ЕК.

Во документ се наведува дека мора да се работи на зајакнување на физичката поврзаност меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство, што ќе придонесе за помали логистички трошоци и полесни трговски текови.

– Тоа на крајот ќе резултира со опипливи економски придобивки за потрошувачите и за бизнисите. Голем дел од овој напредок ќе зависи од достапноста до приватни и јавни инвестиции и од регулаторната конвергенција, се истакнува во документот.

Комисијата нагласува дека во пристапниот процес мора да се работи на заложбите за заштита на климата и животната средина, потенцирајќи дека поголемата Унија ќе има потенцијал позитивно да придонесе за справување со климатските промени и зачувување на биолошкиот диверзитет.

– Земјите опфатени со процесот на проширување имаат огромен потенцијал во однос на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. Ќе треба да испита кои нови предизвици може да се решат со климатската и зелената индустриска политика на ЕУ, истовремено зачувувајќи ги нашите амбиции и обезбедувајќи предвидливост, се потенцира во документот.

Во однос на квалитетот и безбедноста на храната, ЕК смета дека клучен предизвик за идното проширување ќе биде зајакнување на потенцијалите на Заедничката земјоделска политика на ЕУ за поддршка на одржлив и конкурентен модел на производство на земјоделски и прехранбени производи, паралелно со водење сметка за потребите на земјоделците и разновидноста на земјоделските модели.

– Членството во ЕУ носи опипливи придобивки за економијата, како што се пониски трансакциски трошоци, зголемени инвестиции, интрарегионална трговија, економски раст и посилни социјални права. Тоа, исто така, обезбедува пристап до поголеми и поразновидни финансиски пазари, а со тоа ги намалува финансиските трошоци и на потрошувачите им обезбедува поголем избор и пониски цени. За да се одговори на предизвиците поврзани со управувањето со политиките за економска, социјална и територијална конвергенција во рамките на поширока група земји членки, политиките треба да се насочат кон надминување на празнините во законодавството и неговата имплементација, се вели во документот.

Натаму во текстот се посочува дека во геополитичкиот контекст со се повеќе предизвици, поголемата Унија би ја зајакнала својата улога во меѓународните односи доколку биде способна да дејствува на обединет, брз и решителен начин.

– Ова единство и агилност бара основна заедничка визија и силен степен на споделени анализи и ставови меѓу земјите членки. Сепак, една поголема Унија може, барем на почетокот, да донесе поголема разновидност на надворешно-политичките интереси и агенди. Затоа треба да се разгледаат кредибилитетот и способноста на Унијата за дејствување, што ќе зависи од ефикасното одлучување, смета ЕК.

Во документот се потенцира и дека приемот на нови членки мора да се земе предвид при размислувањата за следната повеќегодишна буџетска рамка по 2027 година.

– Идните планови за потрошувачка на ЕУ треба да се изготват имајќи го предвид идното проширување. Паралелно, ќе биде потребно да се прилагодат претпристапните алатки за подобра подготовка за пристапување и транзиција за учество во фондовите на ЕУ, се вели во текстот.

Еврокомисијата посочува дека иако кога се говори за проширувањето се наметнува прашањето за институционални реформи на ЕУ, сепак таа смета дека потенцијалот на актуелниот Договор на ЕУ може да се искористи за подобрување на начинот на управување и носење одлуки, како што е можноста за промена на моделот на одлучување наместо со консензус со користење на квалификувано мнозинство за клучните области во рамките на Советот.

– Поголемата Европска Унија има значаен политички и економски потенцијал. Максималното зголемување на овие можности ќе зависи од нашата способност да ги идентификуваме, дефинираме и предвидиме областите за подобрување и да поставиме јасна стратегија за тоа како да напредуваме на паралелните патеки на проширувањето и реформите на ЕУ, додава Еврокомисијата.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: