Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска вечерва на прес-конференција информираше дека денешниот изборен ден поминал во фер и демократска атмосфера, а граѓаните слободната волја ја изразиле слободно и достоинствено.
Таа истакна дека се констатирани само неколку мали прекршувања на изборниот процес кои, како што кажа, ги сметаат за исклучоци.
– Изразуваме благодарност до сите граѓани кои денеска излегоа и го дадоа својот глас. Правото на слободно одлучување е највредната придобивка на демократијата, а самото гласање е суштински чин што произлегува од моќта на граѓаните кои одлучуваат за својата иднина, и за иднината на државата, рече Кузеска.
Истакна дека ги очекуваат изборните резулати и оти се уверени дека граѓаните како денеска, така и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина на државата.
На новинаско прашање дека од ВМРО-ДПМНЕ веќе лиферуваат резултати каде има значителна разлика во резулатите, Кузеска посочи дека претседателските избори имаат два круга, информациите се прибираат и оти наскоро ќе излезат со првични резултати.