Граѓаните сакаат напредок и светла иднина, поголеми плати и пензии и европски животен стандард, рече Ковачевски вечерва во Тетово
Изборот на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и откажување, помеѓу борбата за иднината со СДСМ и заглавување со ДПМНЕ, рече вечерва во Тетово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, при отворањето на нов промотивен штаб на партијата.
„СДСМ е подготвен за нова победа на изборите. Тоа ќе биде победа на надежта, победа на визијата, на желбата за подобро утре, победа на европска Македонија. Затоа што изборот на претстојните избори ќе биде меѓу надеж и откажување, помеѓу борба за иднината со СДСМ и заглавување со ДПМНЕ. А народот не сака да биде повторно заглавен, со наведната глава и да чека нови 11 години во некои подруми“,
рече Ковачевски.
Граѓаните сакаат напредок и светла иднина, поголеми плати и пензии и европски животен стандард, додаде тој.
„Тетово, симболот на нашата мултиетничка толеранција и соживот многу добро знае дека сите граѓани го сакаат европскиот живот без разлика на било каква припадност. Тоа е изборот на овие избори и тоа е целта на која СДСМ посветено работеше во изминатите седум години, и уште посилно ќе работи по формирањето на новата влада. СДСМ покажа дека со правилни политики се исполнуваат стратешките цели и дека нема недостижна цел“,
нагласи лидерот на СДСМ.
Тој посочи дека во новата програма предвидуваат поголеми плати и пензии.
„Просечната плата СДСМ ја покачи за дури 290 евра во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ и денес изнесува 650 евра. Минималната плата ја зголемивме од 8 000 денари на 22 500 денари. Просечната пензија ја зголемивме за 6 400 денари, а минималната пензија за 50 отсто. Свесни сме дека тоа не е доволно. Знаеме дека голем број граѓани и денес се борат со високите цени, се борат да обезбедат сѐ што им е потребно за нивните деца. Знаеме дека сѐ уште имаме повозрасни граѓани кои заслужуваат поголеми пензии, на кои им е потребен полесен пристап до здравствените услуги. Затоа и имаме план. Затоа во новата програма предвидуваме уште поголеми плати и пензии. Нашето изборно ветување за просечна плата од 1 000 евра и минимална плата од 600 евра е издржано и остварливо. Со заеднички придонес, СДСМ заедно со граѓаните ќе го исполни и ова ветување“,
рече Ковачевски.
Да, точно е дека направивме многу работи кои се добри, како што треба, но исто така е точно дека имавме и грешки, додаде лидерот на СДСМ.
„Не сме совршени, ниту сме ослободени од оправдани критики. Реални сме и треба да работиме уште за да се подобриме. Треба, работиме и ќе работиме“,
порача Ковачевски вечерва во Тетово.