Членките на Европската унија, Ирска, Шпанија, Словенија и Малта во последните недели посочија дека планираат да го направат признавањето, веројатно во координирана објава, тврдејќи дека решението со две држави е од суштинско значење за траен мир во регионот
Ирска денеска треба да објави признавање на палестинска држава, јавува Ројтерс, повикувајќи се на добро информиран извор.
Ирската влада вчера вечерта соопшти дека премиерот Сајмон Харис ќе одржи прес-конференција во среда наутро, но не е откриено која ќе биде темата на разговорот.
Харис пред неколку дена најави дека Ирска ќе ја признае палестинската држава до крајот на месецот. Премиерот исто така нагласи и дека не сака да го види прекинот на дипломатските односи со Израел како резултат на потег кој би бил многу контроверзен.
„Она што се случува сега во Газа е неподносливо, а она што може да се случи во Рафах е несовесно и треба да престане. Ирската позиција е конзистентна по ова прашање. Владата има намера да ја признае државата Палестина овој месец. Очигледно се надеваме дека ќе го направиме тоа со некои други земји“,
рече тој во неделата.
Членките на Европската унија, Ирска, Шпанија, Словенија и Малта во последните недели посочија дека планираат да го направат признавањето, веројатно во координирана објава, тврдејќи дека решението со две држави е од суштинско значење за траен мир во регионот.
Напорите доаѓаат откако зголемениот биланс на загинати во Газа од израелската офанзива за уништување на Хамас поттикна глобално повици за прекин на огнот и трајно решение за мир во регионот.
Од 1988 година, 139 од 193 земји-членки на ОН ја признаа палестинската државност.
Израелското Министерство за надворешни работи во објава на социјалната мрежа Икс, во вторникот предупреди дека признавањето „ќе доведе до поголем тероризам, нестабилност во регионот и ќе ги загрози сите изгледи за мир“.