Естрадниот новинар Зоран Василевски, или познат како Зоки Фаци, повторно се бори со канцерот. Откако лани летото, му извадија карцином од мускулот на ногата, за жал, болеста се повтори, а пред Зоки е тежок период, за кој, како што вели: „Мора сам да ја добијам оваа борба“.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Во интервју за „Слободен печат“, ни открива како се чувствува по операцијата, особено што пред него е циклусот со хемотерапии. Зборуваме и за животот без родителите, но и зошто повеќе не другарува со Лила Филиповска, со која беа неразделни.
Фото: Приватна архива
Нeодамна повторно имаше операција на ногата. Се повтори ли карциномот, со кој веќе еднаш се соочи летоска?
– Повторно се оперирав од карцином на ногата, кој уште лани летото ми се појави на мускулот. Тогаш, додека поливав во дворот, со апостолките се сопнав од цревото и на ногата ми се појави топче. Ми рекоа дека ништо не е, се мачкав со антиборици, но тоа растеше и отидов во Државна болница, директно на биопсија. Доктор Џонов ме прими и ми кажа дека тоа е канцер. Беше 750 грама, така што не беше мал. Редок вид карцином. Одев на испитување, и кога мислев дека сè е добро, пак се повтори. Сега ме чека уште поголема борба. Пред мене се хемотерапиите, но не сум сигурен каде ќе ги примам, дали тука, во Турција или во Виена. Ова е уште една борба што ќе морам сам да ја изборам.
Фото: Приватна архива
Те фаќа ли на моменти страв од сè ова што ти се случува?
– И тоа како ме фаќа страв. Човек во вакви ситуации го фаќа депресија, си велам зошто јас, како баш мене… Но, не читам ништо на интернет. Не сакам да знам. Правам сè што ќе ми кажат докторите. Борбата и стравот се, всушност, кон самиот себе. Тука не може никој да ти помогне. Среќа што ја имам таа позитивна енергија во мене, па не се предавам и верувам дека 2024-та ќе ми биде убава година.
Фото: Приватна архива
Кои се прогнозите на докторите?
– Па јас не сум ниту прв ниту последен таму, а кога ќе влезеш на хематологија, помислуваш дека цела Македонија е таму. Се обидувам да им читам од лице на докторите кога го читаат моето цеде со резултатите. Тие се оптимисти, такви се прогнозите. Но, знаеш како е, надежта последна умира. Јас правам сè што ќе ми кажат, а другото е во рацете на Бога.
Ги загуби двајцата родителите. Пред неколку години почина татко ти, неодамна и мајка ти. Како го преброди тоа?
– Татко ми пред 8 години ми умре на раце. И тогаш ја видов смртта одблиску. Тој ми беше голема потпора во животот. Пред неколку месеци почина и мајка ми и сега се двајцата заедно. Многу ми недостигаат и двајцата. И тешко е да бидеш без родители. Сестра ми има свое семејство, млада е, омажена. Па си ги имам нив и внуците. Моите секогаш ќе ми недостигаат, затоа што пораснав во прекрасно семејство, двајцата беа образовани и еманципирани луѓе, го прошетаа целиот свет и многу се сакаа.
Фото: Принтскрин/Инстаграм
Што наследи од твоите родители?
– Татко ми беше многу образован и начитан човек. Од него ја наследив љубовта кон природата и кон животните. Кога ќе дојдев дома и ќе го гушнев велејќи: „Ме боли глава од ова шоу-бизнисов и новинарството“, ќе ми речеше: „Сам си одбра, ти требаше да бидеш ветеринарен лекар“. Од мајка ми ја добив љубовта кон модата, таа беше постојано средена тип-топ.
Те погодуваат ли лошите коментари што ги читаш за себе?
– Да беше тоа пред 20 години, може ќе се „трескав“ од земја, но денес ништо од тоа не ме погодува. Има и добри и лоши луѓе, секакви… Не читам. Да ти кажам искрено, сега кога бев на операција, сфатив дека луѓето се ситат на туѓа мака, имаше коментари: „Да умреш, малку ти е ова, да те нема…“ Ужас!
Фото: Приватна архива
Што се случува со тебе и со Лила? Порано се дружевте, се сликавте заедно, сега не ве гледам заедно?
– Со Лила не сме се виделе. Таа ме избриша од Инстаграм, јас ја блокирав… Криво ми е што воопшто не ми се јави по операцијата, да ме праша како сум. Јас ѝ бев голема поддршка кога ѝ беше најтешко, и двајцата поминавме тежок период. Имаше некои муабети, рекла-кажала… јас не успеав да се одбранам за тоа што ме набедија, и тоа е. Но, таа е голем професионалец, а јас ѝ ја посакувам цела среќа и здравје. Ете, не ми се јави по операцијата, а и нема потреба веќе. Таа имаше тешка година, знам што помина и јас ѝ посакувам се најдобро.
Што сега мислиш за естрадата?
– Порано критикував сè, но сепак, верувам дека имаме естрада. Ние сами не се цениме. Имаме прекрасни пејачи, но за жал, Цеца, Карлеуша, Теа и кој ли се не, повеќе ги плаќаме да пеат кај нас, од нашите изградени пејачи.