Каде отиде оној нормалниот живот?

Имам некое чувство на безизлезност, мака, нешто што те стега во градите те притиска, зашто е вака? Училишен пример сум на некој што играл по правилата буквално за се. Се си направил како што треба и каде е сега наградата?
Наместо да живееш поубаво ти е да сурфаш или да блееш во монитор, да гледаш некоја глупа серија. Сигурно бегство од себе. Отвараш фејбук и инстаграм и бетер пропаѓаш, во поголема потврда на безизлезноста, само ти се продлабочува она чувство дека нема излез, дека си заробен во некоја тегла, во болен експеримент. Листаш бесконечно секој ден некои туѓи фотографии, некои туѓи соништа… А кој знае каде се тие луѓе и дали се воопшто вистински.
Што им оставивме на децата во наследство, какви вредности, каде згрешивме, што се случува, како станавме вакви никакви? Мајки и татковци во свој свет мизерни и тажни отсутни со паметот, неприсутни во сопствените животи, а живо заинтересирани за другите животи. Децата полека станаа исти.
А во меѓувреме на ФБ слика сите се насмеани, „наводно“ уживаат во животот. Се сликаат, нормално, со сите постоечки филтери, а се повеќе се појавуваат лајф коучи или незнам како точно се викаат, да не научат како да живееме и повторно да сме среќни. Каде отиде среќата, кај ја изгубивме по пат? Каде отиде све у лепу пичку материну?
А бе порано Лајф коуч беше комшиката кога ќе ти дојдеше на кафе и ќе си раскажевте што се случило дента и среќни по дома ќе се разделевте, до наредната сесија, следниот ден. Овој третман е цена на едно турско домашно кафе. Ако пиете кај тебе нон-стоп комшивката ќе донесе 100 грама на поклон, срамота е нели, се знае редот, се знае што е правилно… А сега? Како ви е сега? Кога гледате секој ден до бесвест лажни приказни со кои некоја тајна служба ве профилира. И дали сте поздрави од порано?

Сами завршивме овде или Безизлезноста некој ни ја наметна и ни ја искористи. Што е полесно за манипулација од ваков народ со скршен сон, без среќа и без надеж, кршен со векови. Животно мото ни се и народните мудрости, „ќути си трај си“, „ти ли бе ќе исправаш криви дрини“.
Улизиците и потпикувачите победуваат, ако кодошиш у школо ќе имаш подобри оценки, улизувај се на наставниците, немој да се улетуваш да сакаш некого со срце пошто нели – тоа е срамота да сакаш некого, види фамилија прво и други светли примери. Скршени срца…
Кога ќе собереме храброст да кажеме што мислиме, кога ќе собереме храброст да идеме по правилното, кога ќе се научиме дека е океј да паднеш и да стануваш по сто пати и да правиш грешки, кога ќе станеме подобар пример за своите деца? Кој знае можеби и среќата пак магично ќе се појави.
Срам да ни е, НА СИТЕ!

-Писмо од читател испратено до редакцијата. Одлучивме да го објавиме поради силината на пораката.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.