Како во СССР се запирале епидемиите од смртоносни болести?

Како во СССР се запирале епидемиите од смртоносни болести?

Советските власти никогаш не се задоволувале со половични мерки кога станувало збор за опасни епидемии. Во борбата против нив често покрај лекарите биле ангажирани и полициските сили, армијата и КГБ, па дури и воената морнарица.

Чума

Оваа опасна болест во Москва во 1939 година ја има донесено лекарот микробиолог Абрам Берлин од Саратов. Тој вршел експерименти на животни со користење живи патогени организми, односно предизвикувачи на чума, и со самото тоа морал да се изолира во строг карантин.

Но, еден ненадеен телефонски повик од Москва го принудил без одложување да дојде во престолнината и така чумата се нашла на слобода. Берлин се сместил во хотелот „Национал“ и отишол во ресторан и на бербер.

Штом му станало лошо, нултиот пациент бил хоспитализиран со погрешна дијагноза за фиброзна пневмонија. Голема заслуга во навременото запирање на епидемијата му припаѓа на Симон Горелик, дежурен лекар на клиниката на Првиот московски медицински институт.

Горелик препознал дека болниот има бубонска чума, веднаш го алармирал раководството и се изолирал заедно со Берлин. Знаел дека обајцата се практично осудени на смрт, зашто тогаш не постоел лек за чумата.

Припадниците на НКВД (Народен комесаријат за внатрешни работи) ги наоѓале и ги носеле во карантин сите луѓе во градот што контактирале со Абрам Берлин. Клиниката на медицинскиот институт била блокирана. Хотелот „Национал“ бил дезинфициран, и тоа ноќе, за информацијата да не се расчуе и да не посее паника.

Така епидемијата на чумата била запрена на самиот почеток. Од смртоносната болест умреле само три лица: Горелик, Берлин и берберот што го стрижел.

Големи сипаници

Големите сипаници во главниот град на СССР стасале во декември 1959 година заедно со сликарот Алексеј Кокорекин кој се вратил од Индија. Таму се заразил на церемонијата на палење на починат браман.

Кога добил треска, силна кашлица и болки по целото тело, Кокорекин им се обратил на лекарите. Тие поставиле погрешна дијагноза, мислејќи дека станува збор за грип, иако пациентот бил исфрлен што не е својствено за оваа болест,

Дури по две недели од смртта на Кокорекин се дознало дека во СССР стасала вариола вера. Неколку луѓе кои контактирале со него добиле слични симптоми.

Кога дијагнозата била потврдена, сите московски медицински служби, милициските станици и КГБ биле ангажирани во борбата против смртоносната опасност. Органите на редот ги наоѓале и ги носеле во карантин сите луѓе со кои контактирал Кокорекин, сите со кои контактирале членовите на неговото семејство и сите кои добиле подароци од него од Индија.

Болницата во кој лежел била ставена во карантин. За потребите на илјадници луѓе, на персоналот и на болните кои се нашле во тој карантин отворени се неприкосновените државни резерви на постелнина, оставени во случај на војна.

Сепак, најважна мерка била тотална вакцинација на сите жители на Москва и на Московската област каква што немало во историјата. За само една недела лекарите во три смени вакцинирале над 9 милиони луѓе.

Опасната болест во Москва била откриена кај 45 лица, од кои тројца починале. Деветнаесет дена по откривањето на болеста и со добро организираната акција на градските служби во престолнината повеќе немало зараза.

Колера

Колерата на територијата на СССР продрела од Иран и во 1970 година го зафатила целото црноморско приморје. Епидемијата беснеела во екот на сезоната на годишните одмори кога приморските градови биле полни со гости.

Потоа болеста постепено се проширила на територијата на целата земја, вклучувајќи ги и Москва и Ленинград. За тоа придонеле погрешните потези од локалните власти кои првите денови на плажите преку разглас ги известувале народот дека во градот има колера и дека сите треба итно да ги напуштат.

Централната власт дејствувала брзо и решително. Во борбата против ширењето на болеста биле вклучени илјадници лекари, а исто така и армијата и морнарицата.

Поголемите жаришта на инфекцијата како што се Одеса, Батуми и Керч биле затворени и ставени во карантин. Напуштањето на карантинот било дозволено само по детално бактериолошко испитување. На влезовите на овие градови се приближиле десетина бродови и возови претворени во подвижни лаборатории.

Паника ги фатила илјадниците туристи во затворените градови. Многумина се обидувале некако да ги заобиколат воените блокади или дури да ги пробијат. Ситуацијата се смирила дури кога Советот на министрите на СССР донел одлука за продолжување на службените патувања и на одморите без намалување на платите за сите кои принудно се наоѓаат во зоната на карантинот.

Епидемијата на колера во СССР конечно била ликвидирана во ноември 1970 година. Власите од овој настан извлекле соодветни заклучоци – почнала масовна изградба на објекти за прочистување на водата на црноморското приморје и во басените на Урал, Волга и нивните притоки.

Антракс

Оваа болест избувна на Урал во април 1979 година. И денес ова е најмистериозната епидемија во историјата на Советскиот Сојуз. Според различни извори, антраксот однел помеѓу 60.000 и 100.000 човечки животи.

Секојдневно на инфективните одделенија на Свердловск (денешен Екатеринбург) се јавувале по 5 до 10 луѓе со силен инфективно-токсичен шок.

Кога станало јасно дека луѓето умираат од антракс, во градот беше основано специјално одделение за заразени, беше започната масовна вакцинација на населението и беше дезинфицирана територијата на градот. Според непотврдени податоци, дезинфекција се вршела дури и со помош на хеликоптери. Епидемијата беше запрена во јуни.

Според официјалната советска верзија, причина за епидемијата на опасната болест било месо од заразена стока. Но, постои и друга верзија за настаните според која епидемијата можела да биде предизвикана така што спорите на антраксот случајно стасале во урбаната средина од воено-биолошката лабораторија на воената населба број 19, која се наоѓала во еден дел од градот. Се разгледува и варијантата за диверзија на западните служби кои тежнееле да го дискредитираат СССР наспроти московската Олимпијада во 1980 година.

Податоците за оваа трагедија сè уште се држат како државна тајна. Можат да бидат обелоденети дури 75 години по инцидентот, односно во 2054 година.

Извор: РУСИЈА БИЈОНД

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.