Како да му кажам на партнерот дека имам сексуално пренослива инфекција?

Како се облекувате за состанокот на кој планирате на партнерот да му соопштите дека имате неизлечива сексуално пренослива болест? Отидов во тенки кожени чевли, кои брзо ќе ме одведат до автомобилот откако ќе ми каже: „Веќе не можеме да се гледаме“, темносини панталони и стара маица со пруги, со мали дупки околу јаката, побелена и истрошена, како што сигурно ќе се чувствувам подоцна во ноќта. Да беше некој друг ден, сигурно ќе се потрудев повеќе. Ќе нанесев серум за исправување на косата и дефинитивно ќе ставев некоја сенка на очите. Ќе носев кошула што нема дупки од молци околу вратот. Но зошто да се мачам кога секако ќе ме отфрли?
Порано бев оптимистична во однос на излегувањата со момците. Никогаш немав чиста десетка во самодоверба, да бидам искрена, бев солидна седумка, но имав доволно верба дека некое момче со текот на времето ќе ги занемари моите мани. Моето хронично доцнење? Нема проблем. Мојата секојдневна загриженост за сè и сешто? Па, не е толку лошо… Но ХПВ е поинаков. Не е нешто што може да се објасни и да се засака со текот на времето. Тоа е болест со симптоми на непријатност, но и со смртоносни последици во некои случаи. Генитални брадавици, високоризични соеви, можен карцином на грлото на матката. Некои третмани за оваа болест можат да доведат до неплодност. И како кулминација – заразно е.
Соочување
Кога ми соопшти гинекологот дека имам два соја ХПВ, нискоризичен (брадавици) и високоризичен (предизвикувач на рак), останав без зборови. Тоа беше дента по мојот 24-ти роденден. Треперев на гинеколошкиот стол, туткајќи го памучниот фустан и притискајќи ги колената едно до друго, додека образите ми гореа. Како се случи ова? Моите партнери можам да ги избројам на прстите од едната рака. Сепак, во некои мигови на секој од нив му верував до таа мера што неколкупати прескокнавме употреба на кондом. Еден од нив не знае дека е заразен… Значи, стојам пред аптеката, борејќи се да гледам низ заслепувачките сончеви зраци, а во чантата имам скапа туба со маст, која би требало да ги убие грубите клетки на кожата во мојот најнежен дел на телото.
Исчекување
Четири недели по мрачната дијагноза паднав во мрачно расположение. Земајќи ја предвид статистиката, ќе помислите дека не би требало да се чувствувам толку осамено. Повеќето сексуално активни возрасни лица во некој миг добиваат некоја заразна болест. Речиси 60 милиони жени, што е 38% од целата женска популација, се заразени во некој период од животот. Но иако 90% од ХПВ-инфекциите исчезнуваат во рок од две години по дијагностицирањето и никогаш не покажуваат симптоми, мојата, за жал, не е таква. Малите белузлави израстоци во внатрешноста на вагината, кои се појавуваат секои три недели, и абнормалните папа-наоди ме доведоа до две болни биопсии, со помош на кои ми се откриени претканцерогени клетки. Морав да мрморам за да не го слушам звукот додека гинекологот со долги ножици ми кинеше делови од грлото на матката. За време на седумте дена, додека ги чекав резултатите, ми се формираа виолетови сенки под очите, а ноктите ги изгрицкав до корен.
На тенок мраз
Поттикната од љубезното барање на мајка ми да има внучиња, како и од советите на моите пријатели, одлучив да го освежам профилот на една мрежа за запознавање. Набргу почнав да се допишувам со Марко, кој е програмер и кој ми призна дека е слаб на помфрит и на ретки видови птици. По долгиот телефонски разговор, ми кажа дека не би му пречело дури и да имам две глави. „А што мислиш за сексуално пренослива болест“, си помислив.
Да признаеш или да избегаш
Ми се допадна уште на првиот состанок, во еден мал ресторан во центарот на градот, кога нарача туна, ракчиња во бел сос и предложи да се замениме на половина оброк. Му ја ставив раката на подлактицата, а со другата ги допрев неговите големи кафени кадрици. По вечерата, излеговме од ресторанот, и се бакнувавме секои десет метра, буквално… Следниот ден, во мојот мозок се јавуваа ужасни визии врзани за нашата заедничка иднина. Како што брановите се удираат од карпите на брегот, така и моите желби се удираа со фактот дека имам сексуално пренослива болест. „Ова е најдобриот состанок досега“, рече Марко. „Чекај“, си помислив. Планиравме да се сретнеме и следната вечер. Немам избор, ќе мора да му кажам дека сум заразена. Можеби сум му привлечна, но дали ќе сака да спие со мене?
Зад болеста стои изградена личност
Додека паркирав пред неговата зграда тоа попладне, чувствував дека на рамениците носам два тега од по 2 тона. Кога влегов во станот, се извинив и побрзав во тоалетот. Се гледав во огледалото и го вежбав мојот израз на лицето „немој да плачеш“. Излегов, седнав на каучот и почнав: „ОК, мора да разговараме.“ Кимна со главата неколкупати со едно „мм-хммм“, потоа ја стави раката на моето колено, ме привлече кон себе и ме прегрна. „Тоа што си прекрасен кон мене ми ја отежнува целата ситуација“, му кажав, очекувајќи дека ќе ме прегрне за крај. Но неговата следна реченица ме изненади: „Ако не успееме, тоа ќе биде поради реални причини, не поради ова.“ Растоварена, ја нурнав главата меѓу неговиот врат и рамото. „Дали е непријатно“, ме праша. (Не е). „Дали ќе исчезне со текот на времето?“ (можеби, којзнае!). Сепак, не ме осуди. Сакаше и понатаму да се гледаме, можеби и почесто. Ова сценарио дефинитивно не го очекував.
Сега сме свршени и често се сеќавам на таа вечер. Бидејќи сме моногамни, веќе не користиме кондом. За среќа, мојот ХПВ не влијаеше врз способноста да имам деца, така што можно е наскоро и да забременам. Сепак, сè уште се сеќавам како се криев зад косата додека му соопштував дека сум заразена. Очите му се задржаа на она што го гледаше: загрижена девојка полна со љубов, топла, жива и комплетна личност. Гледаше во личност што закрепнува од болест. Драго ми е што и јас го видов тоа, конечно.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.