Кичевското обвинителство поведе постапка и предложи притвор за извршителката Јакимовска


Извршителката е осомничена дека сторила неколку кривични дела во текот на вчерашниот ден кои започнале со физички напад на службено лице – новинар. Откако по нападот на новинарот била повикана да даде исказ во полициска станица, осомничената физички нападнала полициски службеник и го уништила изготвениот службен материјал

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кичево поведе постапка и предложи мерка притвор за 60-годишната извршителка Весна Јакимовскa поради сомнение дека сторила низа кривични дела во текот на вчерашниот ден.

Новинарот Фуркан Салиу (лево) и извршителката Весна Јакимовска (десно) / Фото: „Портал икс“

Извршителката е осомничена дека најпрво физички нападнала службено лице – новинар и ја оштетила неговата опрема додека тој се обидувал да сними изјава од неа во врска со нејзиното постапување по конкретен предмет на извршување. Откако по нападот на новинарот била повикана да даде исказ во полициска станица, осомничената физички нападнала полициски службеник и го уништила изготвениот службен материјал.

„ОЈО Кичево поведе постапка против извршителка за која постои основано сомнение дека во стек ги сторила кривичните дела – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1, Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 и Фалсификување или уништување деловни книги од член 280 став 2 од Кривичниот законик“,

се наведува во известувањето од Обвинителството.

Од ОЈО Кичево додаваат дека притворот за извршителката е предложен бидејќи во текот на целиот настан таа продолжила да се заканува поради што, како што посочуваат, јасно постои опасност од повторување на делото.

Инаку, нападот на Јакимовска врз полицаец од станицата во Кичево беше регистриран и во билтенот на МВР со вчерашен датум. Во полициската информација, меѓу другото, беше наведено дека извршителката била уапсена од страна на кичевската полиција синоќа околу 23 часот.

Новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ вчера на социјалните мрежи информира дека бил физички нападнат од извршителката Весна Јакимовска додека заедно со екипа од својот медиум ја извршувал работната задача, односно снимал продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.

Нападот на Салиу беше осуден од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: