Некои автомобили не се возат на дневно ниво и сопствениците ги чуваат долго време на паркинг или во гаража, но што се случува тогаш со горивото? Секако, има рок на траење.
Долгото задржување на горивото во резервоарот на автомобилот не може да се спореди со квалитетни вина, кои со текот на времето добиваат на квалитет доколку се чуваат на вистински начин.
Имено, бензинот и дизелот не можат да останат предолго во резервоарот, односно можат, но во тој случај ќе ги изгубат својствата и доколку го запалите автомобилот по месеци некористење, може да има проблеми.
Бензинот во резервоарот треба да се потроши по најмногу два до три месеци по полнењето. Во спротивно, ќе стане течност што може да му наштети на вашиот мотор.
Дизелот во резервоарот за гориво може да „издржи“ исто толку кратко. Во случај на биодизелот, со кој се меша дизелот, има бактерии, кои ќе почнат да делуваат на горивото при стоење и да создаваат матен талог.
Можна е корозија на резервоарот за гориво или затнување на системот за снабдување со гориво.
Дизелот во резервоарот треба да се потроши за приближно три месеци, а најдоцна шест месеци по полнењето.
Сето ова се, се разбира, општи препораки бидејќи никој не знае колку гориво има во вашиот автомобил, какви се температурите, колку кислород има во резервоарот….
Како да препознаете дотраено гориво, односно што ќе се случи кога ќе стигне до моторот на вашето возило?
Ќе се запали светлото за моторот, кое, се разбира, може да светне од безброј други причини. Во тој случај, совет е да го однесете вашето возило во сервис каде ќе ја откријат причината за проблемот.
Исто така, моторот може да има проблеми со стартување, грубо работење во место или губење на моќноста за време на забрзувањето.
Доколку се утврди дека причината е „расипаното“ гориво, потребно е да го извадите од резервоарот.