Основниот суд во Приштина го прогласи косовскиот Албанец Мухамет Алидемај за виновен и го осуди на 15 години затвор за воени злосторства во војната од 1999 година во селото Избица, општина Србица (Скендерај) во северозападно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според обвинението, Алидемај учествувал, заедно со припадниците на српските полициски и воени сили, во убиството на албански цивили во масакрот во Избица во март 1999 година, во кој се убиени и масакрирани 130 Албанци, објави невладината организација која го надгледува косовското правосудство, „Заклетва за правда“.
Пресудата против Алидемај вчера ја објави судијата Весел Исмаили, кој рече дека во затворската казна ќе му се смета и времето поминато во притвор.
Алидемај бил уапсен на 31 март 2021 година додека се враќал од Србија во Косово, за прв пат по војната 1998-1999 година. Оттогаш тој е во притвор, а се изјасни за невин по сите обвиненија против него.