За оваа улога се подготвуваше цел живот. Како најстар од децата на кралицата Елизабета, тој е во ред за престолот веќе 70 години, што е рекорд во кралското семејство.
Чарлс ќе биде крунисан на 6 мај и, како што се приближува датумот, многумина се преокупирани со бројните драми и кавги во пресрет на големиот настан.
Но, можеби еден од најинтересните, а сепак занемарени елементи на ова крунисување е фактот дека Чарлс ќе биде најстариот во историјата кој ќе се закити со круна на главата.
Кралот Чарлс Трети ја одржува монархијата преку сукцесија.
На 74 години, навистина е необично – и настанот доби поделени мислења во Обединетото Кралство. Некои му посакуваат најдобро на неговото кралско височество, други сакаат круната да му биде предадена на неговиот син Вилијам, принцот од Велс, додека други бараат целосно укинување на монархијата.
На кралот му претстои тешка работа, но по толку долго чекање, може да се претпостави дека сега нема да ја пропушти оваа можност.
На 10 септември, Чарлс (официјално принцот од Велс), беше прогласен за крал на церемонија пред Советот за пристапување. Тоа се случи два дена откако почина неговата мајка, кралицата Елизабета.
Тоа утро, накратко, знамињата во Британија се вееја на полн јарбол. Набргу по церемонијата, знамињата повторно се вратија на половина копје од почит кон смртта на нејзиното височество. Чарлс во својот прв говор пред ожалостените поданици вети дека ќе оди по стапките на својата драга мајка.