Бројот на склучени бракови во државава бележи пораст, но зголемување има и кај бројот на разведени бракови. Според последните податоци објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на склучени бракови во 2021 година, е зголемен за 29.8 отсто, во споредба со претходната година и изнесува 13 337 бракови.
Најмногу бракови 1 981 или 14.9 отсто, се склучени во месец август, а најмалку во месец април, 667 или 5.1 процент. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 94.0 отсто за жените и 93.3 проценти за мажите. Според статистичките податоци во втор брак стапиле 6.2 отсто, а во трет брак 0.6 проценти од вкупниот број склучени бракови.
Најголем број бракови биле склучени во старосната група од 25 до 29 години, односно 4 392 или 32.9 отсто кај жените и 4 959 бракови или 37.2 проценти кај мажите. Просечната возраст при склучување прв брак е 27.0 години за невестата и 29.8 години за младоженецот.
Податоците од ДЗС покажуваат дека и бројот на разводи минатата година бележи зголемување од 25.2 отсто, односно евидентирани се 1.964 разводи.
Најмалку бракови во текот на годината се разведени во месец август, а најмногу во декември. Во текот на годината, најмалку бракови, 70 или 3.6 отсто, се разведени во месец август, а најмногу, 202 или 10.3 проценти, во месец декември. Според возраста, пак, најголем број разводи се случиле во старосната група од 35 до 39 години и тоа 364 или 18.5 отсто кај жените и 365 или 18.6 проценти кај мажите. Според траењето на бракот, најмногу разводи, 451 или 23.0 отсто се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.