Поради пандемијата, а сега и поради затворањето на Еуростандард банка – Пошта тоне и генерира загуби. Ејуп Рустеми, првиот човек на Пошта во интервју за Слободен печат вели дека со здравствената криза се случил огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај. Во првата половина од годината друштвото има загуба од 52,5 милиони денари или над 850 илјади евра.
Рустеми вели дека дополнително ги погодило затворањето на Еуростандард банка и дека ликвидноста на друштвото е намалена.
Ликвидноста на компанијата е нарушена, бидејќи поради неработењето на Еуростандард банка на шалтерите на Пошта од 12 август годинава, не можеме да ги обезбедиме финансиските услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица. Остварените приходи во првите шест месеци од 2020 година од овие услуги што Пошта се уште не може да ги обезбеди, изнесуваат 110 милиони денари и претставуваат 19,4 проценти од нашите вкупни приходи. Овде сакам да напоменам дека повеќе од 870 вработени во Пошта целосно или делумно извршуваа работни обврски поврзани со обезбедувањето на наведените услуги. Приходот остварен од овие услуги обезбедува плата за околу 560 вработени во Пошта. Искрено жалам за настанатата ситуација, за сите граѓани и фирми, корисници на нашите услуги, со кои имавме одлична соработка, а кои сега се оневозможени тоа да го прават на шалтерите на Пошта, вели Рустеми.
Додава дека сега е вистинско време за модернизација на поштата.
Пошта е во интензивна комуникација со Владата на РСМ како основач на АД Пошта Македонија и со НБРСМ како регулатор, за изнаоѓање брзо и прифатливо решение за сите. Ова решение е во интерес и на Пошта, за да не изгуби значителен дел од своите приходи.
По се уште неофицијалната поделба на директорските места меѓу двете владини коалициони партии СДСМ и ДУИ, по долги години, Пошта сега ќе биде раководена од кадар од македонскиот политички блок.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.