Повеќе пати сме зборувале за бројните здравствени придобивки од практикувањето на Медитеранскиот начин на исхрана.
Во научниот свет генерално е прифатено дека луѓето што живеат во медитеранскиот регион, имаат подолг животен век и помалку страдаат од повеќето хронични заболувања, посебно оние најчестите.
Што е многу значајно да се нагласи?
– Далеку од тоа дека исхраната е единствениот фактор кој придонесува за долговечноста на популацијата од овие региони.
Па кои се тие ,,тајни” што им овозможуваат долг, но што е уште поважно, витален живот на овие луѓе? Едно интересно истражување ни го отвора патот кон одговорот на поставеното прашање.
Имено, медитеранскиот начин на живот покрај здравата, генерално растителна исхрана, подразбира и физички поактивен живот, практикуање помали или поголеми ритуали за справување со стресот од секојдневнието, развивање чувство на припадност и силна социјализација со семејството и средината итн.
Во следните неколку статии секоја од тематикиве ќе ја разгледаме одделно.
Медитерански начин на живот е многу повеќе од исхраната!
Тајната на луѓето од овие предели не е само откривање на базичните елементи на здравата и балансирана исхрана, туку многу повеќе од тоа. Всушност нивните принципи можеби можат да се сумираат во следната реченица – физичка и ментална исполнетост, односно изнаоѓање на самодоверба за живеење во сегашниот миг, наоѓајќи перфектен баланс помеѓу здравата исхрана, работните обврски и животните навики.
Исхрана богата со свежа храна, овошки, зеленчуци, житарки, мешунки, јаткасти плодови, ладно цедено маслиново масло…; постојано водење на (про)активен животен стил; редовно вежбање; изнаоѓање начини за смирение и контролирање на стресот; блиски релации, односно често дружење со семејството и пријателите итн.
Уживајте во едноставните работи кои има да ни ги понуди животот
Тајната на среќниот живот не може едноставно да се најде во барањето повеќе и повеќе, туку во развивањето способност да се ужива во ,,помалите” нешта. Ова ни го вели големиот Сократ, инаку исто така ,,Медитеранец”.
Медитеранскиот ,,лајфстај” помеѓу останатото се базира и на создавањето и уживањето во едноставните, често нарекувани и ,,мали” нешта во животот. За да имаме исполнет живот, постојано треба да се обидуваме да живееме во сегашноста, истовремено обрнувајќи повеќе внимание на работите што ни значат и препознавајќи ја ,,поголемата” слика за нештата.
Едноставните моменти кои ги земаме ,,здраво за готово” и неретко целосно не ги забележување, знаат да бидат скапоцени. Ако сте внимателни и присутни, неминовно ќе ја забележите вредноста на ваквите моменти, ќе видите колку само убавина сте пропуштале, необрнувајќи внимание. Овие едноставни, мали нешта се насекаде околу нас и сочинуваат огромен дел од нашиот живот. Сè што треба да направиме е да бидеме повнимателни и да го отвориме умот и душата.
Што прават ,,различно” луѓето од Медитеранот?
Тие се свесни дека постојаното грижење нема да ги реши проблемите. Живеејќи со помалку материјалистички пристап, луѓето од овие региони живеат и со поспоро темпо, што резултира со помалку стрес. Помалку стрес значи повеќе насмевки, здравје и посреќен живот. Тоа им помага да го започнат и завршат денот со повеќе позитивни емоции и мисли.
Поимот здравје од Светската здравствена организација е дефиниран како состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или на некакви телесни недостатоци.
Луѓето доста често ги потценуваат психичката и социјалната благосостојба за сметка на физичкото здравје.
Значи, од самата дефиниција на СЗО јасно може да се заклучи дека е подеднакво важно да се грижиме за нашата психичка и социјална благосостојба, како што е важно да се грижиме за физичкото здравје. Дополнително, сите 3 фактори од кои зависи здравјето нужно се поврзани и меѓусебно си влијаат.