МИНУВАЊЕ НИЗ ОГРАДАТА. Повторно ја објавувам песната „Ограда“ од американскиот поет Карл Сандберг:
„Камената куќа крај езерото е довршена и работниците почнуваат да ја оградуваат.
Оградата е направена од железни шипки, со челични шилци, кои можат смртно да го ранат секој кој ќе наиде на нив. Како ограда, таа е мајсторско дело и ќе го спречува пристапот на простаците и скитачите, на гладните и на децата кои талкаат, барајќи место за игра.
Низ шипките и преку челичните шилци ништо не ќе може да помине, освен Смртта, Дождовите и Утрешнината.“
И, навистина, колку и да се оградуваме/заградуваме, повлекуваме или сокриваме, сепак нешто ќе нѐ допре, доаѓа до нас и нѐ гледа, го сакале тоа или не. Тоа нешто што нѐ допира и што минува низ нас се самото време, минливоста и смртта. Богаството, славата и моќта, и да сакаат, не помагаат. Напротив, одмагаат. Друго е што некои тоа не сакаат да го признаат, гледајќи се себеси во вечноста, како да се и самите вечни.