Преку реализирање на мали проекти млади волонтери во Гостивар собираат финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства, за лекување на болни, за активности во добробит на заедницата, училиштата и друго. Нивното делување е во склоп на програмата на Црвен крст-Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која постои повеќе од две децении и претставува национална алатка за регрутирање и задржување на волонтери на возраст од 13 до 17 години во организацијата.
Во земјава преку програмата секоја година се обучуваат 1.200 младинци, се изработуваат 150 мали проекти и им се помага на повеќе од 3.000 луѓе. Во Гостивар годишно се вклучуваат околу 60 нови волонтери на македонски и на албански јазик.
„Благодарение на оваа програма ние ја промовираме културата како систем на вредности, исто така промовираме активни знаења и активен пристап кон животот и секако како крајна цел на овој проект се изработката на малите проекти. Сите овие цели првенствено се тука за да можеме да ја смениме секојдневната рутина на младите, коишто многу време поминуваат на своите мобилни телефони и немаат никаква вон наставна активност. Сакаме да создадеме средина во која младите луѓе се лидери на позитивни промени во нашата заедница!“, појаснува Јована Дабевска, дисеминатор.
Во следниот период ќе се организираат низа активности во кои ќе се прибираат средства наменети во хуманитарна цел. Конкретно за што ќе се искористат парите одлучуваат самите волонтери.
„Тука можеме да го напоменеме хуманитарниот концерт, кој ќе се оддржува на 23 март со почеток од 13:30 часот во Мат Кафе, исто така и проекција на филмот „Недеља” на 22 март од 19 часот во домот на култура „АСНОМ”. Подготвуваме уште настани, ќе имаме уште една проекција на филмот „Пипи долгиот чорап” наменет за помалите деца, на 26 март во културниот дом. Кога станува збор за малите деца, сакаме да организираме прво априлска забава, поточно на центар да имаме штандови со наши изработки, истите да се продаваат и да донесеме маскоти, децата да можат да си играат и да се забавуваат. Наскоро ќе се организира и хуманитарна изложба на уметнички дела. Исто така, имаме во план еден стадион и детско игралиште, кои сега не се во функција, да ги средиме и да можат да се користат. Сакаме да се посветиме и на работата со децата со посебни потреби, да организираме интересни и креативни работилници. Имаме еден проект каде помагаме на едно девојче од Гостивар, кое има ампутирана нога и потребна му е протеза, па волонтерите собираат донации за да можат да ја обезбедат. Кога станува збор за помош на нашата болница, едната група има идеја да се помогне на инфективното одделение. И бидејќи нашиот град е мултикултурен, имаме проект со кој децата сакаат да ја промовираат културата, соживотот, толеранцијата и почитта во нашиот град, преку снимен краток филм за кој самите пишуваат сценарио“, вели Дабевска.
Минатата година преку ПХВ програмата на гостиварското подрачје беа изработени осум мали проекти. Се обезбеди помош за три загрозени семејства, опрема и лектири за основно училиште, се организираа активности за промоцијата на толеранција и соживотот, обуки на тема Бон тон и екологија и друго.
„МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Фејзи и Ѓурчиновска | ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ