Амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Ласло Дукс денес беше повикан во Министерството за надворешни работи на средба кај државниот секретар Виктор Димовски.
-Целта на средбата беше предавање на протестна нота од македонска до унгарска страна, а по повод последните информации поврзани со бегството на Никола Груевски и неговото барање за азил во Унгарија, соопшти МНР.
Како што се наведува од Министерството, Димовски изразил надеж дека Унгарија во случајов ќе постапи во духот на добрите билатерални односи и на европските вредности и принципи поврзани со владеење на правото и во тој контекст веднаш и без одлагање ќе го отфрли барањето за добивање на азилантски статус на осуденикот и бегалец од правдата Никола Груевски и истиот ќе го предаде на Република Македонија, заради извршување на изречената казна затвор, како и продолжување и завршување на останатите судски постапки против него.