Истрагата, според дополнителниот заменик-министер, покажала дека две службени лица одбиле да постапат по наредба, односно не сакале да го приведат лицето кое ги нападнало и по нив, како што најави, ќе започне дисциплинска постапка
Во истрагата која е водена од страна на внатрешна контрола и службените белешки од вечерта на инцидентот, две службени лица одбиле да постапат по наредба, односно не сакале да го приведат лицето кое ги нападнало и по нив ќе започне дисциплинска постапка. Ова вечерва за ТВ 21 го изјави дополнителниот заменик-министер на МВР во техничката влада, Митко Бојмацалиев, коментирајќи го случајот во познатиот скопски локал каде што изминатиот викенд Ивица Б., член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нападна колега полицаец кој бил на служба таа вечер.
„На снимките од инцидентот е препознаено уште едно лице кое е во друштво на лицето кое доби кривична пријава, а кое е вработено во МВР и истото е пријавено во внатрешна контрола за преземање на понатамошни дејствија“,
вели Бојмацалиев.
Снимките од безбедносните камери од познатиот скопски локал, до кои дојде „360 степени“, покажуваат што точно се случувало на преминот меѓу саботата и неделата (17 и 18 февруари) кога Ивица Б., член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нападна колега полицаец кој бил на служба таа вечер.
Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека МВР ќе поднесе кривична пријава против Ивица Б. за напад на друго службено лице. Според министерот, тој ќе биде суспендиран од работа сè до донесување правосилна пресуда. Притоа, Тошковски рече дека не се точни наводите дека Ивица Б. спречил акција на полицискиот тим од Единицата за недозволена трговија, туку дека проверките од полицајците веќе биле завршени.
Во објава на својот приватен профил на Фејсбук, министерката за одбрана Славјанка Петровска постави неколку прашања во врска со настанот чиј тек јасно може да се утврди од снимките од камерите за видеонадзор. Таа праша зошто другите полициски службеници, кои за време на инцидентот биле на служба, не презеле дејствија за веднаш да го совладаат и уапсат напаѓачот, но и колку дена ќе му требаат на Одделот за внатрешна контрола во МВР за да го констатира очигледното.